Сарачини: Катарците заинтересирани за инвестирање во енергетиката, земјоделството и туризмот
Делегација од Катар во март доаѓа во Република Македонија при што се очекува формално да се конкретизираат одредени проекти. Ова беше договорено на денешната средба на претседателот Ѓорге Иванов и министерот за економија Ваљон Сарачини со генерaлниот директор на „Групацијата Катара“ која се занимава со хотелиерство.
-„Групацијата Катара“ има повеќе од 55 хотели само во Катар и 20 во други држави. Договорено е висока катарска делегација да ја посети Република Македонија во првата недела во март, при што ќе се конкретизираат идните проекти кои планираат да ги реализираат во нашата држава, изјави денеска во Доха министерот Сарачини.
Во рамки на продлабочување на економската соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар, која, како што рече Сарачини, добива и правна рамка со потпишување повеќе договори во областа на економијата и при денешната посета на претседателот Ѓорге Иванов во повеќе институции и невладини организации, разговарано е за конкретни проекти.
- На состанокот со претставници на „Катар фондацијата“ беше договорено нашите универзитети да ги почнат интензивите разговори за партнерство со оваа фондација, истакна министерот Сарачини.
На средбата со генералниот директор на „Катар Ервејс“, јави известувачот на МИА, беше потенцирано дека до крајот на годинава планираат да отворат и директна чартер линија помеѓу Доха и Скопје.
- Од нивна страна беше посочено дека планираат да ни понудат Доха да биде транзит центар на сите граѓани на Република Македонија кои патуваат во далечниот исток, изјави Сарачини.
Министерот за економија посочи дека на средбата која претседателот Иванов и македонската делегација ја имаше со премиерот на Катар беше даден јасен сигнал од негова страна до сите министри во катарската Влада дека до крајот на оваа година во Македонија треба да се реализираат конкретни проекти во делот на енергетиката, земјоделството и туризмот.