Владата ќе поддржи отворање 2.000 работни места

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Владата на Република Македонија е сериозно посветена на отворање на нови работни места. Тоа е наш првенствен и стратешки интерес и определба. Покрај редовните активности на надлежните институции насочени кон привлекување на инвестиции и отворање на нови капацитети, а со тоа и нови работни места, Владата како што веќе претходно информиравме го донесе Оперативниот план за поддршка при вработување за 2013 кој содржи повеќе активни  програми и мерки кој треба да овозможи стимулирање и поддршка на нови вработувања.

Покрај тоа што планот содржи 6 мерки за поддршка на вработувањето на 2000 лица кои ќе се реализираат преку директни плаќања од страна на државата за отворање на работните места, Владата во планот усвои нови програми кои значат поддршка на вработувањето преку финансиски стимулации за вработување и поврзување на работодавците и невработените лица. Со овие мерки се опфатени нови околу 2000 лица, што значи 2000 потенцијални вработувања, и за таа цел ќе бидат издвоени и ангажирани околу 1 000 000 евра.
Тоа се следните програми:

1.Обука кај познат работодавач
Со оваа програма се опфатени 850 лица, од 25-49 години и за таа цел ќе бидат ангажирани над 19 000 000 денари. Приоритет ќе имаат лицата со основно и гимназиско образование, при што работодавачот не може да врши повеќе од една подготовка за вработување за исто лице, за исто занимање, за иста дејност.
Подготовката за вработување трае до три месеци, со обврска работодавачот да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката, да не го намали бројот на вкупно вработените лица со полно работно време во рок од 6 месеци, и да доставува до Агенција за вработување на Република Македонија месечни евидентни листи за редовност. Висината на паричните средства за невработено лице вклучено во подготовката изнесува 5.700,00 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. На работодавачот, за време на обуката му се исплаќаат средства за менторство и материјални трошоци месечно, во износ од:
- 4.000,00 денари за ангажирање од 1 до 3 лица;
- 7.400,00 денари за ангажирање од 4 до 6 лица;
- 13.600,00 денари за ангажирање од 7 до 10 лица;
- 18.000,00 денари за ангажирање од 11 до 15 лица;
- 21.600,00 денари за ангажирање од 16-20 лица и
- 25.000,00 денари за ангажирање над 20 лица.

2. Обука кај познат работодавач со субвенционирање
Со обуката ќе се опфатат околу 200 лица од редот на невработени лица и за таа цел ќе бидат ангажирани 9 000 000 денари. Тоа се лица кои потешко доаѓаат до работа на пазарот на трудот и тоа:
-    Од 50-59 години;
-    Млади лица до 29 години со максимум средно образование;
-     Помали етнички заедници со посебен осврт на Ромите;
-    Лица-корисници на социјална помош;
-    Долгорочно евидентирани невработени лица.
Подготовката за вработување трае до три месеци, со обврска работодавачот да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката. Висината на паричните средства за невработеното лице, односно работникот вклучен во подготовката за време на обуката изнесува 5.700,00 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.
По завршување на обуката, за вработените лица ќе се обезбеди субвенција преку финансиска поддршка за секое вработено лице во износ од 13.000,00 денари месечно, во период од 3 месеци, со обврска работодавачот овие лица да ги задржи на работа во наредните 12 месеци по истекот на периодот на субвенција и да не го намали бројот на вработените на неопределено време во рок од 1 година.

3. Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот
Оваа програма опфаќа 250 невработени лица, за која цел ќе бидат издвоени околу 14 000 000 денари. Обуките ќе бидат насочени кон занимања кои се побарувани на пазарот на трудот, врз основа на Анализата на потреби од вештини подготвена од Агенцијата за вработување, Агенцијата за странски инвестиции, истражувања на организацијата на работодавачи, стопанските комори и информации од центрите за вработување, за што ќе се објави јавен оглас.

На лицата кои ќе бидат вклучени во обуката, за деновите на обука ќе им се обезбеди надомест за покривање на трошоците за храна и превоз во висина од 6.200,00 денари месечно по лице (со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување). Обуката ќе се реализира во период од 2 до 3 месеци. По завршување на обуката, кандидатите ќе изведуваат практична работа во реални услови кај работодавачите, а ќе имаат и сериозна опција да засноваат и работен однос во зависност од покажаните перформанси.

4. Практикантство како прво работно искуство до вработување
    Со оваа мерка се опфатени 250 лица, и се предвидени околу 5 000 000 денари. Се планира да бидат опфатени млади невработени лица до 29 годишна возраст, а приоритет ќе имаат лицата со завршен четврти степен средно образование и високо образование, преку нивно вклучување во програми за практиканство за период од три месеци. За спроведување на оваа програма, ќе се исплаќаат по 6.200,00 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. Право на учество имаат работодавачи кои имаат вработено најмалку едно лице. По завршување на практичната работа, работодавачот има обврска да вработи најмалку 30% од вкупно ангажираниот број на лица за практична работа и да ги задржи на работа наредните 6 месеци.

5. Обука за напредни ИТ вештини
Обуките ќе бидат насочени кон надградба на вештините од областа на информациските технологии на евидентираните невработени лица. Обуките ќе се реализираат во Скопје и во други градови, во зависност од обезбедените услови за обука и пројавениот интерес на невработените кандидати за учество во мерката. АВРМ ќе објави оглас до сите заинтересирани обучувачки центри, согласно со претходно утврдени критериуми од страна на Работната група и во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, ќе изврши избор. Времетраењето на обуката е до 4 месеци. По завршување на обуките, лицата добиваат уверение за посетувана обука и полагаат завршен испит за стекнување со меѓународен сертификат. За оваа цел се предвидени околу 4 000 000 денари, а се предвидува опфат до 500 лица.
    
Со овие програми Владата обезбедува можности за вработување преку финансиска стимулација на вработувањето за работодавците и за лицата кои бараат работа. Во понеделник, 04.02.2013 Владата, преку АВРМ, ќе објави календар на огласи и за овие програми и за мерките кои претходно беа објавени, и на кои огласи и лицата кои бараат работа и  работодавците ќе може да аплицираат за добивање на средствата за овозможување на вработувањата.

Владата ќе продолжи со своите ангажмани и напори за намалување на невработеноста и раздвижување на економијата со нудење на поволности при отворањето на нови работни места.