Камен-темелник на катна гаража во општина Центар
Премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Град Скопје и на oпштина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ денеска го означија почетокот за изградба на катна гаража во центарот на Скопје, до зградата на поранешна „Нова Македонија“.
Новата катна гаража е на површина од 8.438 метри квадратни, ќе има седум нивоа над земја и едно ниво под земја, со 189 паркинг-места. Проектот треба да биде завршен за 12 месеци. Инвестицијата изнесува околу 238 милиони денари. Изведувач на проектот е Пелагонија АД Гостивар.
Обезбедувањето соодветен паркинг-простор, според Груевски, е предизвик за сите поголеми градови и метрополи во Европа и во светот.
- Овој предизвик веќе подолго време е карактеристичен и за Градот Скопје, особено во последните години во кои главниот град има се поголема флуктуација на луѓе, возила и туристи. Со овој проект, но и со сите останати во делот на изградбата на улици, булевари и паркинг-простор кои во минатото се реализираа и кои во иднина ќе се реализираат Градот Скопје продолжува да се развива како модерна и функционална метропола на нашата држава, истакна премиерот Груевски.
Изградбата на оваа катна гаража, според Груевски, е во рамки на големиот инфраструктурен проект за изградба на седум катни гаражи во центарот на градот во чии рамки досега почнаа да се градат пет катни гаражи, а денеска беше поставен камен-темелник и на шестата.
- Катната гаража која ќе се изгради на ова место ќе им биде од голема полза на сите граѓани кои работат во непосредна близина како и на сите посетители на централното градско подрачје. Владата и во иднина ќе продолжи да ја поддржува Општина Центар во реализација на поставените цели, проекти и приоритети од значење за сите граѓани и сите посетители на центарот на градот, посочи Груевски.
Градоначалникот Тодоровиќ рече дека потребата од катна гаража на оваа локација е повеќе од неопходна со оглед на, како што рече, тоа што тука се наоѓаат повеќе институции.
- Изградбата на овој објект предвидува седум нивоа над земја и едно ниво под земја. Приземјето и дел од катовите се наменети за деловен простор, на останатите нивоа над земја е распределен јавниот паркинг простор, додека на нивото под земја е предвиден гаражен простор за потребите на вработените од деловно-трговските објекти. Сите катови се поврзани со вертикални комуникации (складишно јадро и два лифта), изјави Тодоровиќ.
Ова е втора катна гаража чиј инвеститор е општина Центар, по катната гаража Судска палата која има околу 500 паркинг-места и ќе се пушти наскоро.
- Со ова, општина Центар ја докажува посветеноста во решавањето на проблемот со паркирање во централното градско подрачје, рече Тодоровиќ.