Норвешката Небб софтвер отвори канцеларија во Скопје
Шест македонски инженери ќе вработи норвешката компанија Небб софтвер која денеска и официјално отвори канцеларија во Скопје. Ваквиот чекор, изјави министерот Веле Самак, е резултат на владините напори за привлекување странски инвестиции, а воедно и потврда дека кај нас странските фирми можат да најдат квалитетен, стручен кадар.
Типот на софтвер што го изработува Небб е врвен и специфичиен, за процес на контрола во неколку индустрии поврзани со суровини како нафта, гас, хартија,... Главно се пласира на западноевропскиот пазар.
- Првите средби со раководството на компанијата ги остваривме за време на нашето роуд шоу во скандинавските земји. Тогаш тоа сериозно размислуваше за Македонија, ја имаше зацртано во своите планови, но по презентациите и дискусиите што ги одржавме, доби поголема доверба и почна со инвестицијата, рече Самак.
Според него, последните шест години македонската Влада се фокусира на зголемување на бројот на ИТ кадри, инженери за софтвер и хардвер. Освен во факултети, се инвестира и во лаборатории.
- Ова е еден од резултатите на нашата континуирана работа во овој сегмент. Веќе е очигледна раздвиженоста на ангажирањето ИКТ инженери не само во странските, туку и во новоотворените домашни фирми, посочи министерот.
Nebb софтвер е дел од истоимената Групација која брои вкупно шест фирми од кои пет се во Норвешка. Групацијата со различни производи е застапена во Кина, Индија, Австралија, Германија, Велика Британија,...
- Македонија не е само одлична туристичка дестинација, туку и исклучително добро место за водење бизнис. И претстои светла иднина. Покрај подготвени, добро обучени инженери, тука најдовме љубезни, пријателски настроени луѓе, гостопримство, одлична храна, рече генералниот директор Асмунд Риси.
Со развојот на бизнисот во Македонија, Небб софтвер, како што нагласи министерот Самак, се очекува да ангажира најмалку десет инженери.