Сарачини на средби со американски бизнисмени
Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска во Њујорк, во рамки на повеќедневната посета на САД, се сретна со претставници на Управниот одбор на Стопанската комора на Менхетен.
На средбата, информираат од Министерство за економија, беа разгледани можностите за соработка на оваа комора, која брои 100.000 членки меѓу кои и Google, Microsoft и City Bank, со деловните здруженија во Македонија.
- На иницијатива на министерот за економија беше договорено потпишување Меморандум за соработка со коморите од двете земји, со цел меѓусебна размена на искуства. Сарачини предложи и креирање листи на производи кои се од посебен интерес за компаниите од двете земји, а ќе придонесат за продлабочување на деловната соработка меѓу деловните субјекти, во насока на подобрување на трговската соработка меѓу двете земји, која веќе една деценија се одвива согласно правилата, принципите и правната регулатива на СТО, соопшти Министерството за економија.
Посебно интересни за американскиот пазар се производите од фармацевтската и прехрамбена индустрија, а министерот за економија посебен акцент пред присутните стави на промовирање на ИТ секторот. Беше разгледана и можноста за испраќање наши студенти на пракса во компании членки на Стопанската комора на Менхетен.
Меѓу другото, на состанокот Сарачини упати покана до компаниите - членки на оваа комора за присуство на бизнис форум во Скопје, каде би имале можност за директни средби со претставниците на македонските компании, а беа разгледани и можностите за финансиска поддршка на претприемништвото и малото стопанство кај нас.
Средбата беше искористена и за презентирање на можностите за инвестирање во Република Македонија, вклучувајќи ги предностите на бизнис климата, даночните олеснувања и актуелните инвестициски проекти.
- Министерот Сарачини ја претстави Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација на средбата со претседателот на BSC Travel USA Луис Шохет, специјалист за травел менаџмент, на која беше договорено во текот на април Македонија да ја посетат американски туроператори, што би овозможило нашата земја да стане дел од туристичката понуда на туристите од САД, се нагласува во соопштението од Министерството за економија.
На првиот ден од посетата на САД, информираат, министерот Сарачини се сретна со првиот човек на Fast Pack Store, Иванчо Ивановски со седиште во сојузната држава Њу Џерси, фирма која е најголем увозник и дистрибутивен центар на производи од Македонија во САД. На средбата Сарачини и Ивановски разговараа за можноста за пласирање нови производи од Македонија на пазарот на САД. Беше предложено организирање средба со компании од Македонија кои се заинтересирани за пласирање на нивните производи во САД, по примерот на веќе етаблираните „Витаминка“, „Виталиа“, „Европа“, „Винчини“ и „Алкалоид“.
Продлабочување на соработката меѓу двете земји беше и темата на состанокот на министерот Сараќини со раководството на Американско-македонската стопанска комора.
Првиот ден од работната посета на САД министерот за економија го заокружи со средба со наши иселеници во САД, од Дебар, Кичево и Струга, со цел нивно вклучување во иницијативата „Македонија 2025“, со што би се поттикнале инвестициските процеси од нивна страна во Република Македонија. Пред нив министерот Сарачини ги претстави можностите за инвестирање во земјава, а најголем интерес предизвика зоната во Кичево, односно нејзин развој со анимирање американски компании кои дел од својот бизнис би префрлиле токму во оваа зона, користејќи ги овозможените поволности за инвестирање.
Денеска Сарачини ќе отпатува за Вашингтон, каде ќе гостува во „Гласот на Америка“ на македонски и на албански јазик, а на 7 февруари ќе присуствува на традиционалниот Молитвен појадок што го приредува претседателот на САД, Барак Обама.