Средба на МНР, Никола Попоски со германскиот МНР Гидо Вестервеле
На покана на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Гидо Вестервеле денеска 22 февруари 2013 год престојуваше во еднодневна работна посета на Република Македонија.
На средбата, двајцата соговорници заеднички ја нагласија потребата од задржување на позитивниот моментум во евроинтегративните процеси на нашата држава, како значаен исчекор кон добивањето датум за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Министерот Попоски информираше за динамиката со која се движат реформските процеси во државата, а воедно го запозна соговорникот и со спроведувањето и резултатите од истите, во насока на исполнувањето на Копенхашките критериуми кои се потврдени со четирите последователни препораки на ЕК. Притоа, тој ги повтори очекувањата за понатамошна поддршка од СР Германија на патот кон полноправното членство на РМ во евроатлантското семејство.
Министерот Вестервеле нагласи дека Германија останува силен поддржувач во евроинтегративниот процес на Р. Македонија, со порака дека европската перспектива претставува главен национален интерес на сите граѓани на Р. Македонија.
Во однос на билатералната соработка, особено беше поздравена добрата економска соработка и активностите насочени кон нејзиното продлабочување, како и континуираната поддршка од германската Влада за низа проекти во функција на побрз економски развој на Република Македонија.
Средбата беше искористена за размена на гледишта и за други меѓународни актуелни прашања.