Бесплатна обука за граѓаните за канцелариско работење и користење на интернет-алатките

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска во Охрид со деканите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Педагошкиот факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и Факултетот за информатика и Педагошкиот факултет од Универзитетот „Гоце Делев“ потпиша Меморандум за соработка.

Станува збор за продолжување на иницијативата на Министерството за информатичко општество и јавна администрација за бесплатни обуки за граѓаните на Македонија низ целата држава, конкретно за обуки за работа со основните канцелариски апликации и за користење на интернет-алатките.

- Деканите на овие институции веднаш ја препознаа додадената вредност на овој проект оттаму што нуди можности граѓаните да можат да се дообразуваат и да стекнат знаења по односната област, а истовремено пак обуката ќе ја спроведуваат токму студентите по информатика и идните професори од таа област, што пак за нив ќе значи нивна професионална дообразба, а истовремено и остварување на со закон пропишаната задолжителна практична настава, рече Ивановски.

Вториот дел од иницијативата предвидува зголемување на македонските содржини на најголемата интернет енциклопедија – Википедија, како продолжение на активностите што во таа насока Министерството ги спроведува уште од 2012 година, од кога во светот на информатиката беше воведен т.н. глобален иновациски индекс, како мерило на иновативноста на одредена земја.

- Нашите заложби одат во насока заедно со образовните институции и невладиниот сектор да ги подобриме тие статистики. Преку оваа соработка со факултетите ќе им овозможиме на студентите да ги обучуваат и граѓаните кои имаат интерес да постираат на Википедија, а дел од активностите ќе бидат насочени кон конкретни теми, како што се информации за Охрид, Скопје, Република Македонија, значајни историски настани, народни херои и слично, истакна Ивановски.

Деканот на Педагошкиот факултет од Битола Јован Талевски истакна дека оваа иницијатива претставува значајна можност за студентите да се запознаваат со новите содржини што ги нуди информатиката, а истовремено да ја спроведуваат обуката за предвидените практични часови од наставата.

- Мошне значајна е и комуникацијата со граѓаните, така што идните наставници уште пред завршувањето на образованието, низ практична настава ќе можат да комуницираат со населението, со идните генерации ученици, рече тој, нагласувајќи дека сите студенти што ќе бидат опфатени со програмата веќе имаат минато соодветна обука, така што ги исполнуваат предвидените критериуми и стандарди.

Во прво време е предвидено активностите околу постирањето нови содржини на Википедија да биде насочено во сферата на туризмот, со сервисни и секаков вид информации за туристичката понуда на Македонија.