Ставрески: Градежништвото двигател на економскиот раст во кризни времиња
Градежништвото е една од основните стопански активности во секоја земја и особено во вакви кризни времиња во изминатите години беше двигател на економскиот раст во Македонија, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на отворањето на 10. Меѓународен саем за градежништво, што се одржува од денеска на Скопски саем.
Позитивните состојби во градежништвото, според Ставрески, се показател за квалитетот на градежните компании и на сите чинители од тој сектор што учествуваат со значен процент во креирањето на БДП, но и на политиките на Владата за поттикнување на градежните активности.
- Во изминатите четири години на светска економска криза, единствено во Македонија од сите земји во Европа градежништвото покажа констатно позитивни резултати, и не само тоа, туку имаме и двоцифрени стапки на раст како онаа што беше остварена во претходната 2011 година. Верувам дека и податоците за 2012 ќе го потврдат тоа. Тоа покажува дека работиме нешто добро заеднички и дека нешто добро се случува во градежниот сектор, нагласи Ставрески.
Потсети на преземените активности од страна на Владата што помогнале за остварување позитивни резултати во градежништвото, при што од даночната политика ги наброја рамниот данок, можноста што ја искористиле многу градежни компании за реинвестирање со што се целосно ослободени од плаќање данок на добивка и намалената стапка на ДДВ од 18 на 5 проценти за прометот на станови, мерка која ќе трае до крајот на 2015 година.
За градежништвото, посочи, е многу значајно да има едноставни услови за добивање градежни дозвиоли. Во тој дел Владата интервенираше со вкрстување на политиките, мерките и документите што се потребни за да се добие градежна дозвола. Дозволата сега наместо со 21 постапка се добива само со три, рече Ставрески.
Според него, проектот „Купи куќа купи стан“ во изминатиот период ги одбележал кредитите за изградба на куќи и за купување станови. Проектот, нагласи вицепремиерот, наиде на добар прием кај градежните компании и кај граѓаните. Значајна мерка, според него, е и можноста за купување државно градежно земјиште по цена за евро за метар квадратен, што поттикнала многу компании да почнат градба со многу пониски трошоци.
- Се работи за еден добар спој во кој учесниците во оваа област, претприемачите и Владата, помогнавме заеднички, подадовме рака и успеавме градежништвото да го издигнеме на она ниво на кое што треба да биде и тоа е генератор на економскиот раст не само заради сопствениот раст, туку и заради тоа што вклучува и голем број други индустриски гранки во рамки на градежните активности, оцени Ставрески.
На учесниците на 10. Меѓународен саем за градежништво и на 3. Саем за недвижности и инвестиции, што ќе траат до 9 март, им посака успешна работа, остварување добри контакти, размена на информации и што повеќе склучени зделки.
На Саемот за градежништво се претставуваат над 300 компании со разновидна програма од градежништвото. Во три изложбени хали на површина од 9.000 метри квадратни се изложени градежни материјали, изолација, кровови, малтери, лепаци, бои и лакови, подови, лифтови, системи за обезбедување, плочки и санитарии, врати и прозори. Во надворешниот изложбен простор се претставуваат компании со програма од градежната механизација. Покрај домашни, на саемот има компании од Србија, Турција, Италија, Словенија, Косово, Германија...
На Саемот за недвижности, пак, повеќе домашни инвеститори, како „Адора„, „Трим“, „Настел“, „Импексл 2“, „Еуроактива“, „Курум холдинг“... ги промовираат своите нови објекти со вкупно 1.500 станови, а има презентација и на новите условите за купување станови преку проектот „Купи куќа, купи стан“.
Во тек на саемот е најавена промоција на проектот „Урбан Еко Експо 2013“, со секојдневни презентации и промоции на тема „Зелена урбана палета“. Проектот е во соработка со Саемот на градежништво, Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило“, „Градски паркинг“, „Улици и патишта“, „Јавно сообраќајно претпријатие“, „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“ и „Дрисла“.
Од Скопски саем очекуваат годишното издание на саемите за градежништво и за недвижности да надмине 15.000 посетители.