Поставен камен темелник на објект за линеарен акцелератор во Клиничка болница-Битола
Со поставување камен темелник денеска во Клиничката болница во Битола беше означен почетокот на изградбата на објект-бункер за поставување линеарен акцелератор со придружни содржини. Одобрение за градба на овој капитален здравствен објект и целосно ослободување од надоместок за комунални трошоци обезбеди локалната самоуправа, а инвеститор е Министерството за здравство.
Министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека со изградбата на овој објект чија вредност е 45 милиони денари и со набавката на линеарниот акцелератор од реномиран шведски производител во вредност од 1,6 милиони евра, Битола ќе стане втор онколошки центар во Македонија, по Скопје.
- Во овој регион со околу 200.000 жители, годишно околу 1.600 пациенти имаат потреба од зрачна терапија која досега ја добиваа на Клиниката за онкологија во Скопје. Но, со изградбата на објект-бункер и поставувањето на акцелераторот, процес кој согласно договорот треба да заврши во рок од шест месеци, граѓаните од регионот, од Прилеп, Ресен, Крушево и други градови ќе може зрачната терапија да ја добијат во Битола, посочи Тодоров.
На средбата со новинарите во овој град, Министерот посочи дека оваа инвестиција во Клиничка болница-Битола има двоен ефект, бидејќи ќе биде решен долгогодишниот проблем на пациентите од регионот, но и ќе се намали оптоварувањето на клиниките во Скопје.
- Во минатото во Македонија имавме два акцелератори, и двата во Скопје и некогаш еден ќе откажеше бидејќи постојано работеа над нивните можности. На овој начин освен што подобра услуга ќе добијат граѓаните од овој регион, подобра услуга ќе добијат и оние во Скопје бидејќи сега таму ќе се намали бројот на тие кои имаат потреба од таа услуга, а ќе се подобри квалитетот на услугата. На овој начин практично покажуваме еден многу сериозен и аналитички пристап во креирањето на здравствената политика во Македонија, рече Тодоров.
Изградбата на објект-бункер и поставување акцелератор во Клиничка болница-Битола е иницијатива на градоначалникот Владимир Талески, кој воедно е претседател на Координативното тело на градоначалниците од Пелагонискиот регион.
- Ги направивме сите потребни предуслови за да почне реализацијата на овој проект, за што Министерството за здравство ни даде безрезервна поддршка. Согласно надлежностите изработивме детален урбанистички план, цела потребна документација и ослободување од комуналниот надоместок за што поддршка даде и Советот на општина Битола. Овој заеднички проект на општината и Владата ќе овозможи да се продолжи животот на многу наши сограѓани од Битола и регионот, истакна Талески.
Изградбата на бункер за поставување на линеарен акцелератор со придружни содржини на површина од 570 квадратни метри ја врши фирмата Мак-строј инженеринг од Битола и треба да заврши во рок од шест месеци.