Македонија и нуди искуства на Босна и Херцеговина во делот на одбраната
Делегација од Министерството за одбрана на Република Македонија предводена од министерот Талат Џафери денеска претстојува во официјална посета на Босна и Херцеговина.
Во рамки на посетата, како што соопшти ресорното Министерство, Џафери остварил средба со босанскиот колега Зекеријах Осмиќ на која станало збор за одличните односи и плодната соработка меѓу двете земји, особено во областа на одбраната.
Џафери истакнал дека Македонија е подготвена да ги сподели научените лекции и искуства во процесот на реформирање и приближување кон полноправно членство во Северноатлантската алијанса.
Тој го посетил и кампот „Бутмир“ каде се сретнал со македонските мировници кои се дел од операцијата ЕУФОР-АЛТЕА.
На средбата со шефот на штабот, бригадниот генерал Јозеф Спишјак, во командата на ЕУФОР, министерот Џафери посочил дека Македонија во краток период од корисник прераснала во сериозен контрибутор кон етаблирањето на мирот и демократијата во глобални рамки и оти и во иднина ќе продолжи да придонесува. Го нагласил и придонесот на земјата во заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската унија, како дел од севкупните евроинтегративни напори, додавајќи дека интегрирањето на регионот во ЕУ и во НАТО е клучен предуслов за стабилност и економски просперитет.
Делегацијата од Министерството положи и цвеќе на споменикот на загинатите припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце, при враќањето од мисијата АЛТЕА.
Во рамките на операцијата ЕУФОР-АЛТЕА, Република Македонија придонесува со вкупно 11 лица – медицински тим РОЛЕ-1, медицинска поддршка во кампот во Бутмир во Сараево, и со помошник правен советник во Командата на ЕУФОР. Република Македонија и Босна и Херцеговина својата билатерална соработка ја базираат на годишните Планови за билатерална соработка кои вклучуваат поголем број активности во областа на образованието и едукацијата, меѓу кои и школувањето на тројца питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје.