Камен-темелник на спортска сала во ОУ „Крсте Мисирков“ Оризари
Во населбата Оризари крај Кочани, денеска е поставен камен-темелник на училишна спортска сала, која што е дел од проектот „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“ на Министерството за образование и наука, финансиран од Владата на Република Македонија.
На свеченоста присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за образование и наука Панче Кралев.
- Учениците од основното училиште во Оризари досега наставата по физичко воспитување ја изведуваа во отежнати услови, но за кратко време кога ќе биде завршена спортската сала ќе имаат идеални услови за одвивање на наставата и за спортување. Ова е ветување на Владата и тоа ќе се реализира. Училишната спортска сала ќе ја ставиме и во служба на локалното население за спорт и рекреација, истакна пред присутните вицепремиерот Пешевски.
Министерот Кралев подвлече дека за изградба на салата ќе бидат инвестирани 24 милиони денари од Буџетот на Република Македонија и од Европската банка за развој.
- Салата ќе располага со корисна површина од 650 метри квадратни, ќе биде наменета за мали спортови со сите придружни објекти. Ќе се користи за мали спортови и ќе биде во делот на енергетски ефикасните спортски сали, истакна во своето обраќање министерот Панче Кралев.