Со 15 милиони евра Владата ќе поддржи развој на семејни бизниси во руралните средини

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Создавањето на услови за економски развој и отворање на нови работни места се врвен приоритет на Владата, кој се реализира преку поголем број на мерки и активности.

За поддршка на оваа цел, Владата ги дефинираше пакет мерките кои се содржат во Програмата за поттикнување на семејните бизниси во рурални средини. Основа на програмата и на мерките е ко-финансирање на 50% од инвестициите насочени за создавање и развој на мали бизниси во руралните средини.

За оваа цел Владата издвои и ќе ангажира најмалку 15 милиони евра, средства кои ќе послужат за финансиска поддршка и отворање на нови работни места. Доколку постои поголем интерес, што е и наша интенција, Владата ќе го зголеми износот на средства потребни за финансирање на оваа програма. Финансиската поддршка ќе значи покривање на 50% од вкупните трошоци на инвестицијата на бизнисот, а фокус треба да е отворањето на нови работни места, тоа ќе се проекти кои ќе имаат приоритет.

Финансиската поддршка за отворање и развој на микро и мали семејни бизниси ќе биде овозможена за следните активности: активности поврзани со преработката на храна, активности кои не се поврзани со производство на храна, воведување на ново алтернативно земјоделско производство на земјоделското стопанство и обезбедување на земјоделски услуги, активности за отворање на услужни дејности, поддршка за развој на традиционални занаети и рурален туризам.

1. Поддршка на активности поврзани со преработката на храна се областите: месни производи и преработки, преработки од овошје и зеленчук вклучително и сокови, преработка на млеко и производство на млечни производи, мелничко-пекарски дејности, преработка и пакување на чај и кафе, производство на зачини, производство на вино и алкохолни пијалаци од грозје или од овошје и производство на пиво како и проекти кои се наменети за воспоставување на откупни центри за шумски плодови и нивна примарна преработка и пакување и др.

2. Поддршка за производство на т.н. непрехранбени производи се областите: производство на сточна храна, храна за домашни миленици, пилани, брикетирање на био-маса за огрев, производство на јаглен, производство на фурнир, производство на производи од хартија и картон, производство на етерички масла, парфеми и козметика, производство на вештачки ѓубрива и пестициди, производство на мебел и др.

3. Поддршка на инвестиции во занаетчиството ги опфаќа занаетчиски дејности: производство на облека, на кожа, на дрво, на предмети од хартија и картон, на стакло и производи од стакло, на производи од бетон, цемент или гипс, леење на железо, леење на лесни метали, производство на фабрикувани метални производи, производство на часовници и саати, производство на мебел, на накит, на традиционални музички инструменти, производство на игри и играчки од хартија или картон и др.

4. Поддршка за воведување на алтернативно земјоделско производство се областите: одгледување на пчели и производство на мед и пчелин восок, хортикултура (одгледување на цвеќе), одгледување на полжави, зајаци, птици за јајца и месо, поддршка на инвестиции во аква- културата, за одгледување на печурки и тартуфи, за лековити растенија и семиња, и други зачински и ароматични растенија и др.

5. Поддршката за воспоставување и модернизација на откупни центри за шумски производи.

6. Поддршката за обезбедување на рурални услуги опфаќа изградба или реконструкција на објекти за воспоставување и развој на „машинските кругови“, вклучително и набавка на земјоделски машини и опрема, воспоставување и надградба на приватните ветеринарни станици за обезбедување на услуги за здравјето на животните во селата, како и набавка на машини, алати и опрема за ветеринарни станици.

7. Специјален акцент во овој пакет на мерки спаѓаат и инвестиции за воспоставување на микро и мали бизниси кои се занимаваат со услужни дејности во рурални средини за подобрување на квалитетот на живот на руралната популација – фризерски и козметички услуги, фитнес, детски игротеки, интернет услуги, работилници за поправка на возила, земјоделска механизација, куќни апарати, компјутери, столарија итн.

8. Поддршката за развој на рурален туризам се однесува на воспоставување или модернизација на: сместувачки капацитети (соби, апартмани, пансиони, колиби со само-послужување), угостителски услуги (готвење и послужување на храна), сместување на отворено (кампинг простори, бунгалови, авто кампови), рекреативни активности (спортски капацитети затворени и отворени) и опрема, велосипедизам/пешачење/опрема за планинарење, рибници и опрема за риболов и др.

Како баратели на средства по овие пакет мерки може да се јават: земјоделски стопанства регистрирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, задруга која е регистрирана во Централниот регистар како задруга и која се занимава со земјоделство и преработка на храна или услужни дејности доколку бара поддршка за инвестиции поврзани со формирање и функционирање на „машински кругови“, трговец поединец или трговско друштво регистрирано во Централниот регистар како микро или мало претпријатие, занаетчија кој е регистриран во Регистарот на занаетчии согласно националното законодавство за занаетчиски дејности кои задолжително се вршат во простории. Ветеринарни станици регистрирани согласно законите од областа на ветеринарното здравство.

Барателот на средства треба да е со седиште во рурална средина и целта на инвестицијата треба да е во насока на обезбедување на вработувања. Финансиската помош доделена на прифатените проекти од овој тип на инвестиции изнесува до 50% од вкупно прифатливата инвестиција, а ќе се поддржуваат проекти со минимален износ од 3.000 евра.

Ова е огромна помош за економскиот развој и отворањето на нови работни места. Ние имаме намера овие средства да бидат искористени во што поголем обем. Затоа предвидовме акциски план, преку кој лицата заинтересирани за овие средства најпрво ќе може добро да се запознаат со можностите за потоа да може да ги користат овие пари. Затоа во месец април ќе следува период во кој населението ќе биде запознаено со можностите за апликација, тоа е таканараечен подготвителен период во кој тие ќе може да се информираат за мерките, за детаљите на мерките, за документацијата која треба да ја обезбедат, за процедурите и за подготовката на самата документација. Ова запознавање ќе се врши преку медиумите но и преку директни посети на терен, како и во подрачните единици на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за вработување.

Потоа ќе следува процесот на апликација кој треба да стартува во мај- јуни. Барателите на средства ќе треба да аплицираат со свои проекти во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, со содветен бизнис план за да може да ги добијат средствата. Важат општите услови за добивање на средства, покрај соодветниот бизнис план, треба да се имаат подмирено обврските кон државата.

Владата ќе продолжи со поддршка на економскиот развој и отворањето на нови работни места.