Пуштена во употреба спортска сала во ОУ „Даме Груев“ во Градско

Во рамки на владиниот проект „Изградба и доопремување на 145 училишни спортски сали“  денеска во  ОУ „Даме Груев“ во  општина Градско е пуштена во употреба новизградена  спортска сала, а  во општина Кавадарци е поставен  камен темелник за изградба на ист таков објект во ОУ „Тодор Хаџи Тефов“.

Во изградбата на објектите се инвестирани 24 милиони денари, обезбедени од Буџетот на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа.

Современата спортска сала во ОУ „Даме Груев“, што ја предаде во употреба министерот за образование и наука Панче Кралев, е изградена на површина од  650 метри квадратни. Во салата има услови за практикување на сите групни спортови и спортски реквизити за гимнастички вежби. Располага со гардеробери, туш-кабини, санитарни јазли, простории за сместување на спортските реквизити, како и посебни простории за наставниците по спорт и спортски активности.

Спортската сала што ќе се гради во ОУ „Тодор Хаџи Тефов“, според најавите, ќе биде адекватна за одржување спортски натпревари и разни манифестации, но и за рекреација на жителите на општината. Со тоа ќе биде решен долгогодишниот проблем за одржување на наставата спорт и спортски активности за 720-те ученици од ова училиште.

Според министерот за образование, Владата презема активности и за овозможување квалитетно образование и за спортување на учениците.

- Пред неколку години направивме измени во наставните програми и го зголемивме фондот на часовите по физичко воспитување. Тоа е една од целите на Министерството за образование - да се грижиме нашите најмлади не само да добијат квалитетно образование, туку да добијат и квалитетни услови за релаксирање помеѓу тестовите, испрашувањата, учењето нови лекции. И не застанавме тука.  Ја отворивме Академијата за спорт. Учениците кои го сакаат спортот, кои својата иднина ја гледаат на спортските терени, средното образование можат да го продолжат во Академијата  во која учат најталентираните млади спортисти, истакна министерот Кралев.