Пријави за прекувремена, ноќна и работа на празници по електронски пат

Работодавачите од денеска пријавите за прекувремена работа, ноќна смена и работа на државни празници за своите вработени ќе можат да ги доставуваат до Државниот испекторат за труд и по електронски пат на e-mail адресата prijava@mtsp.gov.mk.

Досега работодавачите мораа да одат до подрачната единица на Државниот инспекторат за труд и да достават писмена пријава за која било од наведените обврски.

- Ова подразбираше сложена административна процедура и трошоци за компаниите, поради што одлучивме да воспоставиме електронски ситем за пријава. На посочената адреса ќе можат да се испраќаат унифицирани пријави, кои работодавачите ќе можат да ги најдат на интернет страниците на Министерството за труд и социјална политика и на Државниот инспекторат за труд. Пријавата треба да биде испечатена, пополнета со потребните податоци, со потпис и печат на правниот субјект и скенирана да биде испратена до Инспекторатот за труд, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Целта на ова елекстронско пријавување, додаде, покрај административно олеснување, е и овозможување поголема сигурност во остварувањето на правата на работниците, но и овозможување поголема ефикасност во работата на инспекцијата на трудот.

И при електронското пријавување, како и при пријавувањето преку писмена изјава, работодавачите треба да ги запазат предвидените рокови во Законот за работни односи.

Од воспоставувањето на новиот начин на пријава се задоволни и работодавачите и синдикатите.

Претседателите на Сојузот на синдикати на Македонија и на Конфедерацијата на слободни синдикати Живко Митревски и Мирјана Андреска сметаат дека на ваков начин ќе се обезбеди зголемување на вредноста на трудот на работникот, но и ќе обезбеди поголема транспарентност и контрола на остварувањето на правата на работниците.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров истакна дека се задоволни од оваа мерка пред се поради тоа што, како што истакна, таа е одговор на нивните забелешки за неможноста во одредени случаи да се отиде лично во Инспекторатот. На таков начин, додаде, ќе можат да се запазат роковите и да се избегнат високите глоби.