Беџети на Регионална конференција на министрите за правда и внатрешни работи во Белград
Министерот за правда Блерим Беџети учествуваше на Регионалната конференција на министрите за правда и внатрешни работи на тема „Борбата против организиран криминал, корупција и судската соработка во Југоисточна Европа“, што вчера и денеска се одржа во Белград, Србија.
Беџети пред учесниците на конференцијата истакна дека Република Македонија ги следи новите трендови во борбата против организираниот криминал и дека правната рамка и практичното делување и соработка меѓу надлежните државни органи на државите во регионот е од пресудно значење во борбата против се почести софистицирани форми на криминалитет.
Во рамките на Конференцијата министрите за правда го потпишаа Писмото за намери за идно потпишување и ратификација на Регионална Конвенција за надлежност и взаемно признавање и извршување на пресуди во граѓански и трговски предмети.
Министерот Беџети истакна дека со пристапувањето кон Регионалната Лугано Конвенција ќе се подобри правосудната соработка во областа на граѓанското и трговското право во државите договорнички, така што ќе се воспостават униформни правила за меѓународните јурисдикции на судовите, олеснување на признавањето и воведување на брза постапка за обезбедување на извршувањето на пресуди, веродостојни исправи и судски порамнувања.