Почеток на реконструкцијата на фасадата на зградата на Владата на Република Македонија

Во интерес на транспарентноста и отчетноста ја известуваме јавноста дека Владата на Република Македонија преку Службата за општи и заеднички работи започна со реконструкција на фасадата на зградата на Владата на Република Македонија. Проектот ќе опфати целосна реконструкција на старата и дотраена фасада, и очекувањата се дека во зависност од временските прилики ќе се реализира во наредниот едногодишен период. Ова е прва пообемна реконструкција на фасадата која датира од самата изградба на објектот.

Реализацијата на целиот проект ќе се одвива во три фази, првата која ќе биде конструктивниот дел, втората е нанесувањето на фасадата и третиот дел е самата илуминација, односно осветлување на објектот. Целокупните градежни активности ќе чинат 9 299 052 евра, со вклучен ДДВ.

Потсетуваме дека целата постапка за реконструкција на фасадата е транспарентна и достапна на увид на јавноста. Фирмата изведувач е избрана на тендер распишан на 04.01.2013 година, а отворен на 22.02.2013 година. Во тендерската постапка се пријавија 4 фирми, по што следуваше електронска аукција која се одржа на 14.03.2013 година. Одлуката за избор на најповолниот понудувач беше направена на 27.03.2013 година.

Самата изградба ќе обезбеди повеќекратен бенефит, вклучувајќи го естетскиот момент, заштедата на енергија и дополнително зацврстување на сигурноста на самиот објект. Беше оставена можност за идејното решение на самата фасада да одлучуваат граѓаните на Република Македонија, така што постојното решение е израз на нивната волја и желба.