Консултации со националните телевизии за Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги
Управители, односно директорите на национални телевизиски станици во Република Македонија на денешната средба во Министерството за информатичко општество и администрација, во рамките на јавната расправа по однос на Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, ги пренеле своите видувања, забелешки и сугестии за содржината на текстот на законот.
Како што соопшти Министерството, на средбата на која учествувале и министерот Иво Ивановски и претставници на Агенцијата за електронски комуникации предводени од директорот Роберт Орданоски, договорено е тие предлозите да ги достават по писмен пат, по што ќе бидат јавно презентирани на веб страната www.ener.gov.mk, каде е поставена Нацрт-работната верзија на законот. Нивните забелешки и сугестии, се наведува, ќе бидат земени предвид при изготвувањето на финалната верзија на законското решение.
- На средбата беше искажана согласноста за почитувањето и применување на европските директиви, кои ја уредуваат медиумската сфера, стои во соопштението.
На состанокот присуствувале претставници од Канал 5, Канал 5+, Сител, Алсат М, Наша ТВ и Телевизија Сонце.
Денеска се одржала и трета јавна расправа со учество на над управители на локалните телевизиски станици, кои ги пренеле своите забелешки и коментари по однос на Нацрт-законот за медиуми.
- Предлозите од нивна страна за подобрување на Законот за медиуми, исто така ќе бидат разгледани и позитивните препораки од нив ќе бидат интегрирани во законското решение, се наведува во соопштението од МИОА.