Договорена соработка меѓу Македонија и бразилската држава Парана

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (четврток, 25.04.2013 година), во градот Куричиба, во Бразил, оствари средба со вицегувернерот на федералната држава Парана, г-дин Флавио Арнс.
    
Федералната држава Парана се карактеризира со исклучително развиен сектор на земјоделство и агробизнис, автомобилска индустрија и информатички технологии, а главниот град Куричиба претставува еден од поголемите економски и индустриски центри во Федеративната Република Бразил.

На средбата беше изразена политичката волја за унапредување на меѓусебните односи во секоја сфера од заемен интерес, и развој на соработката во повеќе полиња.
    
Акцентирани беа сферата на економијата, можностите за соработка во областа на земјоделството и агробизнисот, разработка на можностите за интензивирање на трговската размена и соработката на полето на инвестициите, и градењето на платформа за динамична соработка на полето на образованието.
    
Премиерот Груевски ги истакна реформите кои се спроведуваат во нашата земја за унапредување на деловната клима и поволностите кои се овозможуваат за потенцијалните странски инвеститори. Тој се осврна и на реформите во образованието и ја истакна нашата иницијатива за соработка во областа на образованието помеѓу институциите и универзитетите од двете страни.
    
Вицегувернерот Арнс посочи дека федералната држава Парана е заинтересирана за градење на успешни односи со Република Македонија, и ја афирмираше нивната волја за стимулирање на економските субјекти од регионот за разгледување на опциите и можностите кои ги нуди нашата земја, и за креирање на соработка со македонските стопански субјекти.  Вицегувернерот, кој е поранешен повеќемандатен пратеник во бразилскиот Парламент и поранешен сенатор, се заложи за негов ангажман за побрзо заокружување на процесот на визна либерализација меѓу двете земји.

Беше договорено да се специфицираат понатамошните процедури за искористување на специјалните програми кои Парана и Бразил ги нудат за остварување на конкретна соработка во областа на образованието, и нивно насочување во еден дел и кон овозможување на соработка на образовно ниво со Република Македонија која би резултирала со размена на кадар, студенти, искуства и проекти.

Соговорниците разговараа и за реализација на поактивна соработка на полето на економијата, за што беше констатирано во идниот период да се продолжи со комуникација за определување на области на интерес за продлабочување на односите.