Прилог информации кон посетата на премиерот Никола Груевски и владината делегација на Република Казахстан
Казахстан со својот огромен економски потенцијал има лидерска позиција во регионот на Централна Азија и се смета за една од најбрзорастечките економии во светот.
Република Казахстан е најголемата поранешна советска република (по Руската Федерација) и деветта во светот. На територија од близу 3 милиони км2, Казахстан го зазема централниот дел од евроазискиот регион и претставува пазар од околу 18 милиони жители.
Економијата на земјата главно се базира на извозот на енергетски ресурси. Меѓутоа, во последно време земјата вложува и прави напори за развивање на иновативна технологија во индустријата. Економијата главно се развива во 5 кластери: енергетика, металургија, текстил и текстилна индустрија и туризам, земјоделство и храна. Казахстан поседува 3,2% од светските резерви на нафта, 1,1% од светските резерви природен гас, 21% од светските резерви на уран и во моментов е меѓу најголемите производители на уран во светот. Не помалку значајни се и резервите од железна руда, јаглен, цинк, бариум, сребро, олово, хром бакар, флуорит, молибден и злато. Казахстан има 84.600.000 хектари обработливо земјоделско земјиште и е една од водечките земји производител и извозник на жито и памук.
Економскиот бум на Казахстан главно се должи на неговите потенцијали во енергетскиот сектор односно, богатството на нафта и природен гас во западниот дел на земјата и Каспиското крајбрежје. Казахстан испорачува нафта за Баку-Тбилиси-Џејхан нафтоводот кој води од Азербејџан до бреговите на Средоземното Море во Турција. Во 2009 година беше завршен капиталниот проект за изградба на нафтоводот до Кина во должина од 2.228 км, почнувајќи од наоѓалиштата на нафта на бреговите на Каспиското Море во Казахстан до провинцијата Синџијанг во Кина.
Од независноста, во Казахстан вклучувајќи го и енергетскиот сектор се имаат слеано повеќе од стотина милијарди долари странски инвестиции, што претставува највисок процент на странски инвестиции од земјите на ЗНД.
Казахстан е еден од најголемите трговски партнери на ЕУ од земјите во Централна Азија.
Дипломатските односи меѓу Република Казахстан и Република Македонија се воспоставени на 1 јуни 1995 година.
Постои можност за значително подобрување на трговката размена меѓу двете држави, особено преку можностите за пласман на земјоделски производи во Казахстан.
БДП - стапката на реален пораст на Казахстан изнесува 5% (2012 година).
Казахстан оствари двоцифрена стапка на раст во периодот 2000 – 2001 година и 8% или повеќе по година, во периодот 2002 – 2007 година, благодарејќи на експанзијата на енергетскиот сектор, но и на економската реформа, добрите жетви по годините, како и зголемувањето на инвестициите во земјата поради што голем број инвеститори како и странски банки веќе работат во Астана и во останатите делови на оваа земја.
Во енергетскиот сектор, отворањето на Конзорциумот на Каспискиот цевковод во 2001 година, од нафтеното поле Тенгиз во Западен Казахстан па се до Црното Море, значајно го подигна извозниот капацитет.