Никола Груевски во Астана ги пренесе македонските искуства во справувањето со глобалната криза

 

Економски тим на Владата на Република Македонија предводен од премиерот Никола Груевски, министерот за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко -индустриски развојни зони (ТИРЗ) Виктор Мизо, денеска (четврток, 23.05.2013 година) учествуваше на првиот работен дел од економскиот форум „Астана 2013“ кој од 22 до 24 мај се одржува во главниот град на Република Казахстан.

Економскиот форум “Астана 2013” претставува престижен и значаен економски собир со глобално значење на кој присутни се економски експерти, стопанственици, претприемачи и менаџери, научници, професори, добитници на Нобеловата награда од сферата на економијата и претприемништвото, актуелни политичари и државници. На овој форум присуствуваат и претставници на големи компании и конзорциуми.

Премиерот Груевски се обрати на официјална церемонија на отворање и пленарна сесија на VI Економски форум говорејќи на темата за глобалниот финансиски систем, проблемите и можните решенија.

Најпрво премиерот Груевски се заблагодари пред присутните  за можноста да се обрати на овој исклучителен настан и упати честитки за неговото организирање, настан кој ја обележува брзорастечката економска моќ на Казахстан на глобалната сцена.

Премиерот Груевски истакна дека Економскиот форум во Астана доаѓа во време на обновен ентузијазам за перспективите на светската економија. Тој посочи дека другите брзорастечки економии во подем, како Казахстан, се доказ за тоа дека во блиска иднина се отвораат нови поглавја на просперитет, а со тоа нови пазари и нови можности за инвестирање.

Премиерот пред присутните истакна дека и покрај економското закрепнување, предизвиците се и понатаму присутни, особено во однос на стабилноста на глобалниот финансиски систем.

Премиерот Груевски пред повеќе од 3 000 присутни делегати на економскиот форум особен акцент стави на македонското искуство во справувањето со последиците од кризата, укажувајќи дека Македонија успеа да изгради цврст систем на фискални, монетарни и финансиски политики, кои овозможија значителен простор за маневар за соочување со негативните прелевања од глобалната криза.

Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија направи брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформските ориентирани земји, според угледниот DOING Business извештај на Светска Банка, и тоа веќе неколку години по ред што докажува дека напорите и реформите кои ги прави државата за подобрување на бизнис климата се темелни и опсежни и даваат резултати.  Премиерот Груевски посочи дека во последниот извештај Република Македонија се наоѓа на 23 - та позиција што ја прави државата највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа, но и пред повеќето држави од Европската Унија.

Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија преку потпишувањето на договори за слободна трговија со ЕУ и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и Украина сега е дел од големиот европски пазар со пристап до 660 милиони потрошувачи, додавајќи дека токму ваквата отвореност на Република Македонија ја прави конкурентна на глобалната карта на инвеститори.

Премиерот Груевски ги истакна и реформите кои беа направени за привлекување на нови инвеститори, како што е  воведувањето на единствена стапка од само 10% на персоналниот данок на доход и данок на добивка, ослободување од оданочување на задржаната добивка, направено е драстично намалување на административниот и регулаторен товар за водење бизнис.

Од страна на премиерот Груевски беа посочени можностите за инвестирање кои им стојат на располагање на инвеститорите  во отворените технолошко- индустриски развојни зони кои на заинтересираните им нудат низа поволности како што се ослободување на данокот на добивка и данокот на доход во првите 10 години, даночно ослободување од реинвестирана добивка и ослободување од административни такси. Премиерот Груевски посочи дека  во зависност на инвестицијата Владата дава субвенција за уредување на земјиштето кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години.

Груевски истакна дека компаниите со седиште во САД „Џонсон Контролс“ и „Кемет Електрониск“, рускиот фармацевтски бренд „Протек Груп“, германските корпорации „Кромебрг и Шуберт“ и „Дрекселмајер“, швајцарската „Виндтек Интернешенал“, “Техокозе”, “Џонсон Мети” веќе инвестираа во изминатите две години во Македонија што е потврда за сериозните напори кои ги прави Република Македонија на инвестициски план.

Премиерот Груевски истакна дека привлекувањето на финансиски капитал е невозможно без постоење на конкурентен човечки капитал. За таа цел беше направено проширување на пристапот кон високо образование, особено во областите како математика, природни науки и информатичка технологија, како и значително зголемување на употребата на компјутери и интернет во државните училишта и на универзитетите.

Премиерот Груевски на крајот од своето обраќање истакна дека постојат уште предизвици кој треба да бидат надминати и со кој светот и современите економии треба да се соочат. Во блиска иднина, предизвикот е да се задржи балансот помеѓу растежот и ранливоста, истовремено не заборавајќи дека европската интеграција има бројни предности. Сè на сè, стратегијата на европските економии во подем е максимално да ги искористат предностите кои постојат, сведувајќи ги на минимум инхерентните ризици во билансите, истакна премиерот Груевски.

Пред присутните свое обраќање имаше и претседателот на Казахстан г-дин Нурсултан Назарбаев кој на присутните им посака добредојде и благодарност за учеството истакнувајќи ја важноста на самиот собир кој се реализира со активна поддршка на Обединетите нации. Тој ја нагласи важноста на економската стабилност на државите и отвореноста на економиите кој мора да бидат активни со своите реформи и отворени за соработка бидејќи тоа од особено значење за надминување на последиците од глобалната економска криза. Во своето излагање претседателот на Казахстан посочи дека особено важна сфера на која државите мора да посветат  останува економијата, енергијата и животната средина, сфери кои обезбедуваат стабилност и просперитет. На крај Претседателот Назарбаев истакна дека Казахстан останува отворен за економска соработка и развој на инвестициските можности како важен сегмент во надминување на предизвиците од економската криза.

Свое обраќање на пленарната сесија од форумот имаше и Претседателот на 67-то заседание на Генералното собрание на ОН г-дин Вук Јеремиќ кој го истакна задоволството што Обединетите нации како еден од организаторите на самиот форум успеа да соберат значителен број на релевантни личности од светот на економијата и политиката и да покренат важни теми за разговор.

Тој посочи дека е потребно секоја држава да води отворена политика, а Република Казахстан покажа дека тој прогрес може да биде направен. На крај г-динот Јеремиќ додаде дека Обединетите нации остануваат активен партнер во процесот на изнаоѓање на решенија кои ќе овозможат мир, стабилност и напредок на државите.

Свои излагања на плеарната сесија од форумот во Астана имаа и претседателот на Економско-социјалниот совет на ОН г-дин Нестор Осорио, генераниот секретар на Конференцијата на ООН за трговија и развој г-дин Супачаи Паничпакди, претседавачот на Бордот на Евроазиската економска комисија г-дин Виктор Кристенко, претседателот на Исламската банка за развој г-дин Ахмед Мохамед Али ал Мадани, професорот на Универзитетот Колумбија, добитник на Нобеловата награда по економија од 1999 година г-дин Роберт Мундел,  претседавачот на одборот и главен извршен директор на Sberbank на Русија г-дин Херман Греф, како и генералниот подсекретар на ООН и раководител на Одделот за економски и социјални прашања г-дин Ву Хонгбо.