Премиерот Груевски оствари средба со претседателот на 67. заседание на Генералното собрание на ОН Јеремиќ

Во рамките на глобалниот економски форум „Астана 2013“ претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (четврток, 23.05.2013 година) оствари куса средба со претседателот на 67-то заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации, г-дин Вук Јеремиќ.

Двајцата соговорници ја потенцираа важноста за учество во глобалните настани како форумот во Астана на кој се разговара на економски теми кои ги засегнуваат економските односи на државите учесници, и кои се важна детерминанта во надминувањето на предизвиците од светската економска криза со кои регионите и светот се соочуваат.

Премиерот Никола Груевски ја истакна важноста од размената на искуства, и фактот дека ваквите настани се добра можност за запознавање на соговорниците и учесниците со процесите и глобалните економски трендови. Истовремено, премиерот Груевски истакна дека таквата партиципација дава шанса за промоција на потенцијалите, капацитетите и реформите кои ги прават државите за зголемување на инвестициската активност и привлекување на странски капитал. За Република Македонија овој сегмент е исклучително значаен, бидејќи ваквиот форум е добра можност на едно место да се сретнат стопанственици на водечки компании и конзорциуми, научници и нобеловци од сферата на економијата, да се оствари контакт со нив и да се промовираат реформите и потенцијалите кои се нудат за инвестирање.

Г-динот Вук Јеремиќ го искажа задоволството од учеството на Република Македонија на економскиот форум во Астана, и истакна дека Обединетите Нации како субјект кој е еден од организаторите на овој глобален настан се заинтересирани за што поактивна улога на државите во процесот на заедничко изнаоѓање на решенија за актуелните прашања.

Соговорниците разменија мислења и за интеграциските процеси во регионот на Југоисточна Европа, за потребата од континуирани реформи за достигнување на повисоки стандарди во секоја сфера од општествените процеси, и за модалитетите на менаџирање на ефектите и надминување на последиците од глобалните и регионални негативни економски текови, со цел создавање на услови за економски развој.