Бесими во дипломатска офанзива за добивање датум за преговори на јунскиот ЕУ самит

Ниту како Фатмир Бесими, ниту како вицепремиер, нема да прогнозирам за тоа дали на јунскиот ЕУ самит ќе добиеме датум за почеток на преговори за членство во Унијата, нагласи вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска пред почетокот на неговата дипломатска офанзива во повеќе европски метрополи.

Сепак, тој лично смета дека досега требало да биде формирана Комисијата за настаните од 24 декември минатата година и да биде решено прашањето за името, сето тоа во интерес на граѓаните и на Република Македонија.

Според него, секој ден сме се поблиску до решение за името, а, како што истакна, многу сме поблиску од 1995 година.

Тој денеска аплираше и до политичките лидери да покажат храброст и одговорност, да ги надминат теснопартиските интереси и да се формира Комисијата, во интерес на граѓаните и сето тоа како аргумент повеќе пред претстојниот Самит на ЕУ.

Во Лондон, Брисел, Париз, Берлин, Мадрид и Даблин, вицепремиерот Бесими ќе бара поддршка за добивање датум за почеток на преговорите, презентирајќи ги резултатите од реформите што ги прави земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ, како и сериозноста и напорите на Република Македонија што ги прави за полноправно членство во ЕУ.

Пристапниот дијалог на високо ниво и добрососедските односки на средбите ќе бидат посочени како добар пример за тоа, подвлече Бесими, како можеме заеднички да работиме на реформите и да се обезбеди нов ентузијазам и динамика на процесот. На средбите, Бесими очекува да му бидат поставени и „тешки прашања“ како за формирањето на Комисијата, така и меѓу другото во однос на дијалогот и законот за медиумите.

- Независно од исходот од јунскиот самит, продолжуваме со нашиот приоритети-стратешка определба, а тоа е членството во ЕУ и затоа Владата е посветена на имплементација на сите неопходни реформски процеси, рече Бесими, истакнувајќи дека ова  не е негова задоцнета дипломатија, бидејќи, смета, наша обврска е секој ден да работиме и да тропнеме и да ги отвориме сите врати, а на билатерални средби ти директно да слушнат од нас за нас.

Како што информира, до сите европратеници кои гласале против или биле воздржани за Резолуцијата за Македонија ќе испрати писмени покани за присуство на најавената Конференција на Еворпскиот парламент во Брисел „Од сон до реалност:нов поттик за реформските процеси“, или на билатерални средби да им ги претстави ставовите и аргументите на Република Македонија.

Инаку, вицепремиерот Бесими веќе побарал средба и со претставници на новата бугарска Влада пред одржувањето на Самитот на ЕУ во јуни. Тој оцени дека нова средба со грчкиот шеф на дипломатијата Димитрис Аврамопулос во овој момент и не би можело многу да смени во однос на прашањето за името а во пресрет на Самитот.

Во врска со откажаниот регионален Самит во Охрид и Струга, Бесими по барање на новинарите посочи дека Република Македонија го има признато Косово и има потпишано најголем број потпишано договори.

- Прашањето не е дали Македонија го има покането Косово или не. Има процедури односно земјите - членки треба да се изјаснат за да се покани нова земја-членка. Согласно инбформациите од МНР, во процедурата имало забелешки од три земји за поканите и тоа предизвикало такви реакции, појасни вицепремиерот Бесими.