Промовирани 12 нови наслови од проектот за превод на илјада стручни книги
Нови 12 наслови од владиниот проект за превод на 1.000 стручни книги, кои се користат на првите 10 рангирани универзитети во светот според Шангајска листа, беа промовирани денеска, со што вкупниот број преведени, отпечатени и дистрибуирани учебници од овој проект достигна 833.
На денешната промоција, 49-та од почетокот на проектот во 2009 година, беа претставени изданија од областа на претприемаштво и иновации, медицина, филозофски и филолошки науки, земјоделство и ветерина, текстилно произвдство, архитектура и градежништво. Проектот е 80 отсто реализиран и во план е да биде завршен до крајот на годинава.
Премиерот Никола Груевски на промоцијата истакна дека со нив македонските студенти имаат лесен пристап до врвната научна мисла зашто делата од современи и познати светски автори им се овозможени на мајчин јазик, исто како и за нивните врсници на престижните универзитети Харвард, Јејл, Оксфорд...
Тој повторно апелираше да се користат како прв учебник, а не тоа да бидат локални изданија или застарени учебници и скрипти. Со нив тие добиваат знаења со кои може да бидат конкурентни во светот и тоа ја гради и нивната самодоверба. Со игнорирањето на овие учебници, додаде Груевски, им се наштетува на македонските студенти.
- Учебниците од локални автори не ги потценуваме, но тој што е најавторитетен во светот, мора да добие предност пред кој било друг. Оваа серија не само што ќе овозможи нашите студенти и научни работници да дојдат до последните достигнувања во некоја наука, туку значително ќе ја зголеми и нивната самодоверба, зашто нашата цел е нашите сегашни и идни генерации да не се натпреваруваат само на домашната сцена, туку и на меѓународната, истакна Груевски.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски е задоволен од употребата на учебниците и од посетеноста на читалницата „1.000 книги“ во Градскиот трговски центар каде што тие се достапни.
- Посебно ме радува податокот што овие книги не се само декор и не фаќаат прашина на полиците на библиотеките. Нивната читаност и искористеност е голема, а за тоа говори податокот дека само оваа читалница на ден ја посетуваат од 200 до 300 посетители, кои константно во толкав број ги има дури и во летниот период, рече Ристовски.