Македонија понуди проекти за искористување на средствата од Кина за централна и источна Европа

Македонија и понуди на Кина повеќе конкретни проекти за искористување на дел од 10 милијарди долари што кинеската Влада најави дека ќе ги вложи во земјите од Централна и Источна Европа.

Станува збор за проекти од сферата на градежништвото и производството на цемент, енергетиката и хидро потенцијалите,  патната и железничката инфраструктура и земјоделството, за кои има пројавено интерес и од кинеска страна.

На средбата што вечерва се одржа во главниот град на Романија, мегу премиерите на Македонија И Народна Република Кина потврдени се пријателските односи мегу двете држави кои во последниот период се интензивирани за што потврда е фактот дека ова е втора средба на премиерско ниво за само неколку месеци.

Двајцата соговорници оценија дека постои огромен потенцијал за развој на економската соработка.

Премиерот Груевски го запозна својот кинески колега со поволностите за инвестирање во Македонија притоа посочувајки дека државата нуди најниски трошоци за водење бизнис, најниски даноци во Европа И поволен даночен пакет за компаниите.

Дополнителна предност, како што истакна Груевски, се и поволностите што им се нудат на компаниите во Технолошко-индустриските развојни зони како што се ослободувањето од данок на добивка и данок на доход во првите 10 години, ослободувањето од административните такси и давањето на земјиштето за изградба на фабрика под закуп под поволни услови.

Од македонска страна беше упатена и покана до кинескиот премиер за посета на Република Македонија.

Кинескиот премиер Ли Кечијанг истакна дека неговата држава е активен поддржувач на Македонија и изрази надеж за дополнително искористување на потенцијалите за економска соработка.

Во знак на благодарност за добрите пријателски односи, премиерот Груевски му подари на својот кинески колега книга од Конфучие преведена на македонски јазик.

Македонија е првата држава која ќе искористи дел од 10 милијарди долари што како вложување ги најави кинеската Влада. Средствата во висина од 580 милиони евра ќе бидат искористени за изградба на двете нови автопатски делници Миладиновци-Штип и Кичево - Охрид. За тоа веќе се потпишани договорите со кинеската компанија Синохидро, а почетокот на градежните работи се очекува во почетокот на идната година.

Народна Република Кина е важен надворешно трговски партнер на Македонија и во последните неколку години се наоѓа на листата на 20 земји со кои државата има најголем обем на трговска размена. Меѓу двете држави се потпишани и неколку билатерални договори, а кинеската влада секоја година И доделува техничка помош на Македонија која се реализира преку различни проекти.