Груевски-Чакрабарти:Силна инвестициска поддршка од ЕБРД за инфраструктурни проекти

Македонија прави одличен напредок во макроекономските показатели, направи многу повеќе од просекот на земјите во Југоисточна Европа, се опоравува подобро од земјите во еврозоната. Ние сме многу задоволни поради тоа, истакна претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти по средбата со премиерот Никола Груевски што се одржа денеска во седиштето на ЕБРД во Лондон.

Според него, индикаторите покажуваат значаен напредок на земјата во овозможување услови за инвестиции. Тој смета дека невработеноста се уште е голема, но се намалува што, како што рече, е значајно прашање не само за нас, туку и за Владата.

- Она што исто така е значајно, а треба да се нагласи е подобрувањето на инвестициската клима, рече Чакрабарти, притоа истакнувајќи дека во сите земји каде што патува им укажува на властите да учат од македонскиот пример.

Претседателот на ЕБРД, посочи дека досега во Македонија имаат реализирано една милијарда евра во 60 проекти. - Оваа година изгледа како добра за инвестиции од 80 милиони евра, а наредната ќе има повеќе за регионални проекти, енергетски и индустрија, рече Чакрабарти, притоа истакнувајќи дека премиерот Груевски има многу добар пристап кон регионалните проекти.

Тој за следната година прогнозира раст од 3,2 проценти и силна инвестициска година во инфраструктурни проекти.

Премиерот Груевски истакна дека на средбата главно биле фокусирани на проектите што следат во иднина, бидејќи постоечките, како што рече, одат добро и нема отворени прашања по нив.

- Најпрво разговаравме за општата економска ситуација во Македонија, за најновите податоци што ги имаме дека растот во првите шест месеци е 3,3 проценти, дека тоа е над сите проекции што претходно беа дадени од сите меѓународни институции и дека тоа е добра ситуација. Зборувавме и за другите економски параметри, дека Македонија е четвртата најниско задолжена земја во Европа, но разговаравме и за другите случувања во економијата и за она што доаѓа, изјави Груевски.

На средбата главно се фокусирале на проекти кои можат да бидат интересни во иднина. - За дел од нив се започнати разговори кои се надеваме дека ќе завршат и со конкретни договори, рече премиерот Груевски, изразувајќи надеж дека сите  проекти кои се во фаза на разговори ќе имаат добра шанса да бидат реализирани.

Се разговарало за можноста за нова соработка на полето на изградба и реконструкција на патишта, за патиштата Росоман-Прилеп, каде е предвидена комплетна реконструкција и проширување и нов пат Охрид-Пештани, која се проценува како доста веројатна опција.

Исто така, како што брифираат од ЕБРД, станало збор и за можноста за забрзување на финансирањето и изградбата на пругата кон Бугарија, која како проект е веќе договорена, што би значело побрзо заршување, како и соработката и динамиката на проектот Бошков Мост, која е веќе договорена и се очекува почеток на реализацијата. Разгледани се и можностите за учество на ЕБРД во проектот за гасификација, во вториот и третиот дел од проектот, односно во секундарната мрежа, за што има позитивен првичен фидбек од ЕБРД за продолжување на разговорите за деталите.

Двајцата соговорници разговарале и за соработка на проектот за интерконекција во високонапонска енергетска мрежа помеѓу Македонија и Албанија, проект, како што истакнуваат, многу извесен.

Средбата, како што ја оценија Чакрабати и Груевски, била многу конструктивна, позитивна и плодотворна, со обезбеден напредок во неколку нови проекти.

- ЕБРД е еден од најдобрите партнери на Македонија во изминатите 15-20 години, со многу инвестиции и многу проекти, речиси сите успешно завршени. ЕБРД на некој начин учествуваше сериозно во економскиот развој на Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски.