Бесими - Улсон: Реафирмирана Поддршката на Шведска за датум за пристапни преговри на Македонија со ЕУ

Република Македонија ја има поддршката од Шведска за определување датум за пристапни преговори на претстојниот декемвриски Европски Совет.

Ова уверување го добил заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, за време на работната посета на Кралството Шведска, каде се сретна со министерот за европски прашања Биргита Улсон, членови на Комисијата за ЕУ во шведскиот парламент, Валбурга Хабсбург Даглас  и Фредрик Федерлеј, како и со државниот секретар во шведското Министерство за надворешни работи Франк Белфраге.

На средбата со министерот за европски прашања Улсон, вицепремиерот Бесими истакна дека Шведска е голем поборник на политиката на проширувањето на ЕУ и воедно силен поддржувач на евро-атланскиот интегративен процес на Република Македонија, а таа поддршка, се додава во соопштението од СЕП, може да биде пример на процес на зајакнување на стабилноста и развојот во регионот на Западен Балкан.

- Шведското претседателство со ЕУ во 2009 имаше значајна улога за Република Македонија, за добивање позитивен Извештај од Европската комисија и препорака за пристапните преговори, како и за добивање на визната либерализација со ЕУ, посочил вицепремиерот Бесими.