Меморандум за соработка меѓу Министерството за здравство и Истанбулскиот универзитет

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска  се сретна со ректорот на Универзитетот од Истанбул, проф. д-р Јунуз Сојлет по што потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции.

Министерот Тодоров по потпишувањето рече дека со Меморандумот се дефинира соработката во континуирана едукација на доктори и специјалисти од Република Македонија во повеќе области од медицината, како што се: педијатрија, анестезиологија, неврохирургија, повеќе хирушки гранки, урологија, радиологија, радиотерапија, нуклеарна медицина итн.

- Меморандумот ќе се реализира преку пилот-проект од три години и во тој период ќе се реализира обука на наши доктори во траење од еден, три или шест месеци, по што ќе се здобијат со сертификат од Универзитетот во Истанбул. Преку обуките на здравствениот кадар се обезбедува стекнување најнови знаења,примена на најсовремени техники на лекување преку екстерен облик на усовршување, има за цел да го подигне нивото на стручно знаење и да го унапреди квалитетот на здравствените услуги во сите облици на здравствена заштита во секојдневната пракса, рече Тодоров.

Потенцира дека Истанбулскиот универзитет кој годинава ќе одбележи 560 години од постоењето, има 17 факултети на пет кампуси, во него работат 2.000 професори и 4.000 асистенти и соработници. На Универзитетот студираат околу 60.000 студенти и 8.000 постдипломци.

- Преку континуираната едукација која ја овозможува Министерството за здравство на медицинскиот кадар од Македонија досега се реализирани едукации на околу 500 здравствени раотници во поголем рој реномирани здравствени установи во странство. Со едукациите се овозможува оптимална искористеност на апаратите, давање квалитетна здравствен услуга и примена на посложени здравствени интервенции кои недоволно се работат во Македонија или за нив пациентите се упатуваат во странство, додаде Тодоров.

Сојлет изрази надеж дека дека ќе можат да отворат нови патишта за младите македонски доктори и нови можности тие да се едуцираат во многу различни специјалности.

- Универзитетот во Истанбул е еден од најстарите во Турција, има многу искусни професори и специјалисти. Постои и друга причина за мојата среќа денеска. Македонија е земјата на мојот татко и ми претставува привилегија што може да и служам на оваа земја, додаде Сојлет.