Отворен првиот Детски ургентен центар во Македонија

Во целосно реновиран и комплетно опремен простор денеска е отворен првиот специјализиран Детски ургентен центар во Македонија, сместен во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. За потребите на новата организациона единица беа изведени повеќе градежни реконструкции, објектот беше внатрешно преуреден, а беше обезбедена и најсовремена медицинска апаратура.

Средствата за реконструкцијата и адаптацијата на просториите во Клиниката беа собрани во рамки на Националната донаторска кампања под мотото „Да помогнеме навреме“, а беше спроведена под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова. Ургентниот центар е изграден со поддршка на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА, а дополнителните донации ќе се искористат за доопремување на Ургентниот центар и новите амбуланти.

Иванова во обраќањето пред присутните рече дека како покровител на Националната кампања била полна со ентузијазам, имала силна инспирација, но најмногу била охрабрена со безрезервната поддршка на нејзиниот сопруг, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој денеска ја приддружуваше на отворањето на  Детскиот ургентен центар.

- Овој Ургентен центар ќе придонесе во голема мерка за здравствени услуги кои нашата држава ги нуди за децата, посебно за итните случаи за кои најнеопходна е првата помош пружена од медицински лица. Итните случаи од денес ќе бидат третирани во Ургентен центар, како што е пракса во многу напредни земји, со добро разработен и крајно ефикасен здравствен систем, посочи Иванова.

Таа рече дека секој има обврска да даде свој личен придонес за активности кои се однесуваат на општото добро на сограѓаните и општеството.

- Таквите активности се тие кои не облагородуваат, не оплеменуваат, кои не прават хумани и ги истакнуваат нашите доблести и вредности. Затоа со огромна желба и мотив застанав како покровител на Националната кампања, потенцира Иванова и им се заблагодари на сите кои ја поддржаа кампањата и донираа преку телефонскиот број 14321, како и на медиумите кои овозможија кампањата да допре до секој граѓанин.

Министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека Детската клиника мора да биде целосно опремена да одговори на сите најсовремени предизвици во медицината и затоа многу инвестирале-сменети се прозорците, се работело на енергетска ефикасност, на зголемување на стандардот за сместување на децата, тоалети во секоја соба, набавка на ново возило за неонатален педијатриски транспорт, набавка на нова медицинска опрема и се тоа во вредност над 100 милиони денари.

Ова што го имаме денеска, посочи Тодоров, е показател дека во Република Македонија и поинаку може да се инвестира во здравството, односно дека почнуваат да се применуваат принципите на инвестирање во здравството кои важат во сите развиени земји, а тоа е со едно високо ниво на општествена одговорност, со вклучување на највисоките авторитети во државата, на амбасадите и на сите граѓани може да се направи подобрување на системот. Тој додаде дека станува збор за една од поголемите реформи преземена во македонското здравство.

Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова изразувајќи задоволство од отворањето на Детскиот ургентен центар рече дека иницијативата тој да се направи на почетокот била само една скромна замисла која ја поддржале и надградиле нејзините најблиски соработници и советници.

Сопругата на американскиот амбасадор Мери Џо Волерс истакна дека експертската грижа и сочувство на медицинскиот персонал на Ургентниот центар ќе спасат многу од животите на околу 20.000 деца кои се очекуваат да го посетат идната година.

Мехмет Суреја Ер, потпретседател на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА рече дека работите за адаптација и реконструкција кои се одвивале од нивна страна биле комплетирани за само 60-тина дена.

- Проектот за Ургентниот центар содржел целосна реконструкција, адаптација, медицински гасови, термо техника, електрични инсталации, медицинска опрема и целосно опремување со мебел, истакна Суреја Ер и додаде дека сето тоа е подарок на Република Турција за Република Македонија.

Нагласи дека Ургентниот центар со најдобар и најквалитетен стандард на функционирање ќе нуди добри услови.

Турскиот амбасадор Ѓурол Сокменсуер им посака здрава иднина на децата од Клиниката и укажа на подготвеноста на Република Турција секогаш да ја поддржи, како што рече, пријателска и братска Република Македонија.

Специјализираниот Детски ургентен центар располага со четири главни и два дополнителни кревети, опфаќа шест простории за специјалистички амбуланти, една лабораторија и чекална. Амбулантите ќе ги покријат областите: неонатологија, кардиологија, хемато-онкологија, ендокринологија, гастроентерохепатологија и нефрологија.