Автобуски карти ќе се купуваат преку мобилен и компјутер
Автобуски билет за меѓуградски и меѓународни линии ќе се купува и резервира преку интернет со користење компјутер, лаптоп, таблет или мобилен телефон.
Тоа ќе се овозможи со системот е-автобуска.мк, што го презентираше денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во присуство на превозниците кои имаат законска обврска да го имплементираат до 22 февруари. Софтверот за електронскиот систем е веќе изготвен и ќе им биде достапен бесплатно на превозниците. На патниците им останува на располагање и традиционалниот начин за купување билети.
Според Јанакиески, новото решение на патниците ќе им овозможи на едноставен и лесен начин да го планираат своето патување, а бенефитот за превозниците е што ќе се намалат гужвите пред шалтерите и ќе ја зголемат контролата и приходот врз продадените билети и ефикасноста во работата на вработените на автобуските станици.
- Како што можеме доколку патуваме со авион до одредена дестинација да резервираме авионски билет, со воведувањето на Е-автобуска исто така се овозможува на корисникот при купување билет да има графички увид во слободните места во самиот автобус и да го одбере саканото седиште, рече Јанакиески.
Предноста на новиот систем, посочи, е тоа што патникот може од кое било место, во секој момент да ги види распоредот на автобуските линии, времето на тргнување, а со тоа веднаш согласно своите потреби да купи билет без притоа да оди до шалтерите на автобуската станица.
Купувањето автобуска карта, според Јанакиески, се состои од неколку едноставни чекори. По успешното електронско плаќање со кредитна или дебитна картичка за избраното патување патникот ќе добие електронски билет со еднозначен бар-код кој може да го испечати или да го зачува на својот смартфон или таблет. - Предвидено е да се воведе и трет начин на плаќање, преку сметка за мобилен телефон. Билетот на автобуските станици ќе се валидира со помош на бар-код читачи со што ќе се олесни и зголеми протокот на патници, а со самото тоа автоматски постоечките биелтари ќе се растоварат и ќе се заштеди време, наведе министерот за транспорт.
Покрај распоредот на линиите, истакна, патникот ќе има увид и кој превозник во кој период врши превоз за бараната линија, така што согласно своите потреби и претходното искуство при користењето на услугите на компаниите ќе може да одбере со кој превозник сака да патува до одредена дестинација. Е-автобуска на патниците ќе им нуди можност за креирање сопствени кориснички профили преку кој ќе можат да ги искористат своите месечни карти, да резервираат отворени повратни билети. Електронската карта ќе може да се откаже еден час пред времето за патување.
Според Јанакиески, превозниците ќе имаат увид во вкупниот број продадени билети преку интернет и на шалтерите на автобуските станици и доколку е потребно навреме да интервенираат со дополнителни возила ако има потреба или да преземат други мерки.
Задолжителната примена на електронскиот систем за превозниците е пропишана со Законот за превоз во патниот сообраќај. Доколку до 22 февруари на автобуските станица не почне продажба на возни билети по електронски пат, може да ја изгубат категоризацијата.