Ѓорѓиев: Реформа за објективна и воедначена работа на судиите

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија на минатата седница го усвои Предлог законот за измени и дополнувања на Кривичниот законик со кои се дава правен основ во македонското законодавство за почеток и спроведување на една голема, суштинска и значајна реформа во правосудниот систем која ќе резултира со носење на Правилник за начинот на одмерување на казните врз основа на кој во иднина ќе одмеруваат и изрекуваат кривичните санкции од страна на судиите. Со оваа реформа, овие новини и носењето на Правилникот ќе се влијае на обезбедување на објективен и правичен систем на санкциона политика, на воедначување на санкциите на територијата на целата држава, на сериозно стеснување на просторот за волунтаризам и преголема субјективност која отвора можност за манипулации од страна на судиите, ќе се обезбеди и поголема правна сигурност за граѓаните.

Пред да преминам на елаборацијата дозволете да се осврнам на неколку детали:

Досега во Република Македонија, од страна на судската власт, обвинителството и Министерството за правда беа спроведени повеќе анализи и истражувања во сферата на казнената политика, при што се забележаа определени сериозни аномалии и недоследност во одмерувањето и изрекувањето на казните од страна на судиите и судовите, и кои наметнаа неколку заклучоци:

- постои голема нееднаквост на изречените кривични санкции во зависност од тоа каде се одвива судската постапка, кој суд суди и кој судија суди, односно на пример еден месно надлежен суд или судија во тој суд за едно кривично дело изрекува пониска, а друг месно надлежен суд или судија во тој друг суд за исто такво кривично дело изрекува повисока казна,

- досудената просечна казна во предметите се наоѓа многу под долната граница на опсегот(интервалот) на предвидената казна пропишана со закон,

- опсегот на казни кој што бил применет од страна на судиите е многу понизок од највисоката казна пропишана со закон, што укажува дека судиите воопшто не ја користат горната граница на казните што им ја овозможува законот без разлика дали се работи за сторител на кривично дело кој неколкукратно е осудуван или сторил потешки квалификаторни облици на кривични дела,

- ваквите појави водат кон создавање на атмосфера за нееднаквост на граѓаните пред законот, односно кривичната санкција за нив не зависи приоритетно од законот како што е поставен системот, туку повеќе и во голема мера зависи од тоа каде го сториле делото, кој суд ги судел и кој судија ги судел.

Заради илустрација еве дел од направените анализи:

-За кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори биле анализирани 50 пресуди. За ова дело предвидената казна се движи од 0 до 180 месеци. Просечната казна која е изречена е 14 месеци.

-За кривичното дело Тешка кражба предвидената казна се движи од 0 до 180 месеци. Просечната казна која е изречена е 10 месеци.

-За кривичното дело Загрозување на безбедноста во сообраќајот предвидената казна се движи од 0 до 60 месеци. Просечната казна која е изречена е 1, 2 месеци.

-За кривичното дело Кражба предвидената казна се движи од 0 до 36 месеци. Просечната казна е 1, 3 месеци.

Во однос пак на подрачјето на изречените казни:

-за кривичното дело Тешка кражба апелационите судови во Гостивар и Штип изрекувале два пати помали казни од апелационите судови во Скопје и Битола,

-за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување просечната казна која се изрекува во Гостивар е три пати пониска од просечната казна која се изрекува во Штип,

-за кривичното дело Загрозување на безбедноста во сообраќајот во судовите во Скопје и Штип се изрекуваат затворски казни, а во Битола и Гостивар не се изрекуваат затворски казни,

-за кривичното дело Кражба просечната казна во скопското апелационо подрачје е значително повисока од просечните казни кои се изрекуваат за истото дело во Битола, Гостивар и Штип.   

Заради надминување на наведените слабости се наметна потребата од креирање инструменти за воедначување на казнената политика при изрекувањето на казните во сите судови во државата.

Беше проценето дека ова ќе биде постигнато со донесување на Правилник за начинот на одмерување на казните, кој што Правилник претставува централна тема на ова реформа. За овој пристап и реформа во подолг период се правеа консултации на Владата, Министерството за правда, судовите и обвинителството и се заклучи дека ваквиот пристап е најсоодветен и ја има поддршката од сите субјекти во сферата.

За да ги надмине овие слабости, и да обезбеди полна објективност и да спречи манипулации, Владата на изминатата седница, за да ја започне оваа суштинска реформа донесе новини во Кривичниот законик, со кои се дава правен основ за почеток и реализација на оваа реформа.

Согласно овие измени, во членот 39 од Кривичниот законик, ставот 3 ќе  гласи:

„Oдмерувањето на казната судот го врши согласно Правилникот за начинот на одмерување на казните кој го донесува Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, по претходно мислење од Јавниот обвинител на Република Македонија и Адвокатската комора на Република Македонија“.

Значи централен правен акт врз основа на кој во иднина ќе се врши одмерување на кривичните санкции, и кој ќе биде задолжителен за сите судови, за сите судии во судовите ќе биде овој Правилник. Правилникот го носи самата фела, Претседателот на Врховниот суд, а со прибавувањето на мислење за Правилникот пред неговото носење од страна на Јавниот обвинител и на Адвокатската комора се обезбедува полна вклученост на сите странки во една постапка што дава поголема гаранција за успех и ефекти од реформата.

Исто така, се предвидува цитираниот Правилник, Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија да го донесе во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овие измени во Законикот.

Правилникот ќе го подготват и образложат самите судии, но во оваа прилика можеме да кажеме дека неговите рамки предвидуваат тој да пропишува јасни, прецизни и конкретни правила како да се одмери казната и тоа во зависност од повеќе параметри. Овие правила ќе мора задолжително да ги почитува при одмерувањето на казната секој судија. Кривичната санкција ќе се изрекува врз основа и само врз основа на Правилникот кој мора да биде применуван, и наместо таа да зависи од симпатиите на странките во процесот, или пак да биде подложна на влијанија и манипулации, обиди за дезавуирање на законите, таа исклучиво ќе зависи од словото на законот, и ќе мора да ја почитува секој судија без разлика во кој суд суди. На тој начин ќе се постигне воедначување на казнената политика на целата територија и пообјективен систем кој ќе биде транспарентен и ќе спречува непринципиелно однесување или пак евентуална можност за коруптивно однесување

Оваа реформа е во интерес на редот и поредокот, на правото и правдата, граѓаните, во интерес на самите судии и во интерес на Република Македонија.