Реновиран Центарот за социјална работа во Ресен

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го посети комплетно реновираниот Центар за социјална работа во Ресен.

Реновирањето и адаптацијата на просториите во Центарот е направено преку проект на Министерството за труд и социјална политика, со кредит од Светска Банка од околу пет милиони денари. Целта е подобрување на просторните и техничко - технолошки услови за работа на вработените од државната управа, во својство на квалитетен сервис на граѓаните.

Центарот за социјална работа во Ресен се протега на површина од 322 метри квадратни, приземје и кат, 11 канцеларии, шалтер сала, гаража, чајна кујна и санитарии. Покрај комплетното реновирање на сите внатрешни простории на фасадните ѕидови поставена е термоизолациона фасада.

Директорката на Центарот за социјални работи во Ресен Бојана Транталовска го искажа задоволството и благодарноста со тоа што е ова прв центар кој се реновира и ќе понуди професионална услуга на граѓаните.

Градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски покрај ова, најави и други проекти во кои ќе се испочитува принципот на енергетска ефикасност во јавните објекти.

Во тек е реновирање на центрите за социјална работа во Пробиштип, Струмица и Свети Николе со вредност од околу 15 милиони денари, а во тек е тендерска постапка за центрите во Охрид, Прилеп, Битола, Крушево, Демир Хисар, Гевгелија и Штип. Со средства од ИПА фондовите ќе бидат реновирани уште 18 центри за социјална работа заедно со дневните центри кои се во нивни рамки.