Учество на министерот за надворешни работи, Никола Попоски на состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Букурешт
Денес, во Букурешт, делегација предводена од министерот за надворешни работи, Никола Попоски учествуваше на втората неформална средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ.
На овој политички форум во Букурешт, министерот за надворешни работи на Романија, Титус Корлецеан во својство на претседавач со ПСЈИЕ доби поддршка од министерот Попоски за заложбите на Процесот во улога на конструктивен партнер и како дел од Тројката. Своја контрибуција дадоа и Генералниот секретар на региоаналниот центар за соработка лоциран во Сараево, Горан Свилановиќ, заменикот премиер и МНР на Молдавија, Наталија Герман, министрите за надворешни работи на Црна Гора, Албанија, Бугарија и Косово, Игор Лукчиќ, Дитмир Бушати, Кристијан Вигенин и Енвер Хоџај.
Министерот Попоски во својот говор ги презентираше заложбите на Македонија за продлабочена регионална соработка. Се осврна на два аспекти во овој контекст, во рамки на заложбата за интеграција на земјите од регионот во ЕУ, беа нотирани успеси изминатата година со приемот на Хрватска, статусот на Црна Гора и Србија со ЕУ, ветувачкиот напредок за Молдaвија како и дијалогот помеѓу Приштина и Белград. Во оваа насока позитивниот тренд треба и понатаму да продолжи, истакна Попоски.
Тој потсети на Стратегијата 2020 усвоена во Охрид за време на нашето претседавање со ПСЈИЕ и силните заложби на Македонија во таа насока. Конечната цел е интеграција на целиот регион заеднички во евро-атлантските структури, потенцираше министерот Попоски.
Во реализација на нашата цел, неопходна е континуирана конструктивна соработка со НАТО и ЕУ и зајакнување на соработката меѓу сите чинители во овој процес.
Осврнувајќи се на вториот аспект, Попоски истакна дека за регионот многу се важни економските проекти, пред се оние од инфраструктурата и регионалното поврзување. Тие се многу важни за намалување на невработеноста преку создавање на нови работни места, а со тоа и благосостојба. “Визијата од македонското претседавање со ПСЈИЕ веќе се оставрува: Охридската декларација и работната ад- хок група се во функција на евроинтегрирање и економски раст во регионот. ЕУ фондовите ни се најпотребни за инфраструктура меѓу членки и кандидати. Тоа е практично интегрирање”, истакна Министерот Попоски.
Исто така треба да се посветиме на почитување на културните вредности и креирањето на предвидливост за целиот регион, истакна министерот Попоски.
Министерот Попоски на маргините на министерската средба оствари неформални разговори со своите хомолози присутни во Букурешт.
Воедно, министерот Попоски во својство на поранешен претседавач со Процесот за соработка во ЈИЕ, заедно со својот домаќин Министерот Корлецеан и Министерот Бушати од Албанија во улога на иден претседавач, одржаа заедничка прес конференција во премисите на романското министерство за надворешни работи.