Договорена соработка со Државната универзитетска клиника во Минхен
Премиерот Никола Груевски во рамки на работниот престој на Сојузна Република Германија попладнево ја посети Државната универзитетска клиника во Минхен каде што имаше средба со директорот Карл Валтер Јаук и неговиот менаџерски тим.
На средбата договорена е конкретна соработка во определени области.
- Во рамките на нашите напори и програма за едукација на што поголем број лекари, договоривме да прифатат наши лекари да дојдат тука на обука за различни медицински методи кои кај нас или воопшто ги нема или се во некоја по лимитирана, а овде се во многу понапредна форма, изјави Груевски по средбата.
Тој истакна дека оваа клиника, која е втора по големина во Германија по берлинската, веќе е ставена на листата каде нашите лекари ќе можат да практикуваат нови знаења, да учат нови работи, нови методи.
Што се однесува до тој дел, потсети дека во најновите законски одредби што поминаа во Парламентот сите лекари се обврзани во период од пет години најмалку шест месеци да поминат на обука во понапредни медицински центри надвор од земјата.
- Соработката со вакви медицински центри, како што е Универзитетската клиника во Минхен, е од голема корист, бидејќи ќе помогне на многу наши лекари, медицински сестри, фармацевти и друг медицински персонал кои работат во болниците и клиниките да имаат можност да стекнат искуства и знаења од овие напредни медицински центри, истакна премиерот Груевски.
Директорот Валтер Јаук рече дека се отворени за соработка и со задоволство ќе прифатат македонски лекари да се обучуваат на нивната клиника.
- Ние сме убедени дека може да и помогнеме на Македонија преку соработката и да овозможиме најдобра медицинска заштита на луѓето во Македонија. Убедени сме и дека со посетата на македонски лекари во Минхен, но и наши кај вас може да си помогнеме едни на други, рече Валтер Јаук.
Државната клиника во Минхен е најпрестижната во Баварија и еден од најголемите и најетаблираните научно истражувачки центри во Европа, паралелно со Кембриџ, Оксфорд, Харвард и други познати истражувачки центри во светот. Во рамки на Универзитетската клиника има 29 клиники и 26 институти, со годишен обрт од над милион евра. Станува збро за голема болница со девет илјади вработени која е многу напред во многу медицински техники и области.