Сарачини: Со инвестицијата на „Мали Лошињ“ ќе заживее економијата во Дебар
Министерот за економија Ваљон Сарачини и градоначалникот на Дебар, Ружди Љата денеска ја посетија фабриката што хрватската компанија „Мали Лошињ“ ја гради во близина на селото Гари.
- Досега работата на терен се изведува според планираната динамика. Инвестирани се околу 1,5 милиони евра, а тоа вклучува подготвителни работи, ископи, приклучок на трафостаница, како и поставување на темели за фабриката. Во моментот работат 15 работници со потребната механизација, изјави Сарачини.
Вкупната инвестиција на хрватската компанија е 6 милиони евра и планирани се околу 70 вработувања.
- Очекуваме во мај годинава да се објави конкурс за вработување на 35, а во септември за дополнителни 35 работници. Тоа е факт кој многу радува бидејќи многу млади луѓе од дебарскиот регион ќе можат да ја планираат својата иднина во општина Дебар, оцени Сарачини.
Тој нагласи дека изградбата на фабриката за пакувана вода е една од низата проекти што се реализираат во дебарскиот регион, покрај проектите од областа на туризмот, енергетиката и инфраструктурата.
Според Сарачини, значајно е тоа што целокупното производство од фабриката ќе се пласира на странските пазари, со што директно ќе се подобри извозот на земјава и ќе се намали трговскиот дефицит.
Претставникот на хрватскиот инвеститор Дражен Балиќ истакна дека изградбата на фабриката ќе чини околу 2,5 милиони евра и таа ќе зафаќа површина од 3.700 метри квадратни. Планирана е изградба на производствен и магацински простор и управна зграда.
- Нашите предвидувања се дека до есен годинава ќе заврши изградбата, кога ќе започнеме и со експлоатацијата на вода, потенцираше Балиќ, додавајќи дека за почеток планот е да се произведуваат од 50 до 60 милиони литри флаширана вода годишно.
За градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, инвестицијата е почеток на економската преродба во поширкиот дебарски регион.
- Оваа фабрика значи многу за општината и влева надеж дека набрзо поволните услови што се нудат за инвестирање и прекрасната природа ќе привлечат уште многу странски инвеститори, а со тоа општината економски ќе заживее, ќе има работа за сите и ќе се запре миграцијата, рече Љата.