Наши лекари ќе се усовршуваат и во Клиниката во Штудгарт
Македонски лекари во иднина ќе усовршуваат понапредни методи во Клиниката во Штудгарт, а лекари од оваа германска клиника ќе доаѓаат во Македонија ќе ги пренесуваат своите искуства. Оваа соработка е овозможена со денешното потпишување на Меморандум за соработка од страна на претседателот на Владата Никола Груевски и раководителот на градската Државна клиника во Штудгарт Јурген Крафт.
-Ја посетивме главната Градска државна клиника, која е многу напредна во повеќе области и со која потпишавме Меморандум за соработка. Наши лекари ќе доаѓаат тука на обука за учење на нови, понапредни методи коишто сеуште ги нема во нашата држава и нивни лекари ќе доаѓаат во Македонија исто така на поголем број наши лекари и медицински персонал им ги покажат најновите вештини што ги имаат научено, изјави премиерот Груевски, по потпишувањето на документот.
Оваа практика, додаде тој, ја воведовме пред околу две години кога почна програмата преку која годишно 500 лекари и друг медицински персонал од Македонија ќе одат на обуки во понапредни болници и клиники во странство, главно во Америка, Германија, Франција, Турција, Англија и други држави.
-Од неодамна секој лекар во секундарното и терцијалното здравство има обврска најмалку шест месеци во период од пет години да ги помине на обука во некоја понапредна болница или клиника низ светот, така што со ова обезбедуваме една клиника повеќе каде што ќе доаѓаат нашите лекари и од каде што ќе доаѓаат нивните лекари во Македонија, рече премиерот.
Градската Клиника во Штудгарт е една од поголемите болници во Германија каде се негуваат сите медицински дисциплини.
- Овој Меморандум за соработка за нас е почеток на една плодна соработка и учење едни од други. Се смета дека ние пренесуваме техника и процедури во Македонија, но јас сум крајно сигурен дека има многу работи што ние можеме да ги научиме од Македонија во однос на грижата за пациентите и за некои други специфични ситуации, изјави раководителот на болницата и хирург Крафт.
Меморандумот опфаќа размена на искуства и искористување на медицинското знаење и потенцијал на Клиниката во Штудгард која е една од најнапредните во Германија.
Практичната соработка би се состоела од размена на лекари, пред се од болницата да дојдат во Скопје и заедно со цели тимови да работат на обука и да вршат операции во присуство на македонски лекари.
Во Германија, Клиниката Штудгарт е една од најголемите и најефикасни болници која обезбедува висок степен на специјализација и широк спектар на услуги во речиси сите медицински дисциплини. Болницата има 2.100 болнички кревети, а годишно се третираат над 87.000 пациенти, како и 425.000 амбулантски случаи годишно. Вкупниот број вработени е 6.800 кои обезбедуваат непречено функционирање на болницата.
Болницата во Штудгарт меѓу другото опфаќа и спроведување на настава која е дел од Универзитетот во Тубинген со директен пристап до најновите научни сознанија и методи во дијагностиката и терапијата.
Премиерот Никола Груевски со посетата на Клиниката во Штудгарт денеска го заврши престојот на Сојузна Република Германија.