Во Битола пуштен во употреба Домот за сместување стари лица „Сју Рајдер“
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во придружба на градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денеска го пушти во употреба Домот за сместување стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ во овој град.
Станува збор за инвестиција вредна 850.000 евра која што е во соработка со општина Битола и Владата на Република Македонија и со која, како што посочи посочи министерот Спасов, значително се зголеми сместувачкиот капацитет на Домот„Сју Рајдер“ во Битола.
- Ова е битна инвестиција која што е во насока на подобрување и унапредување на постоечките капацитети за згрижување и сместување на стари лица. Овој нов и современ објект изграден е според сите модерни и европски стандарди за домови за стари лица и е вистински показател за грижата на Владата на Република Македонија за старите лица во Република Македонија. Исто така тој е и показател на она што оваа Влада ќе го започне и вети пред граѓаните, тоа и го реализира, истакна министерот за труд и социјална политика и најави дополнителни инвестиции во оваа сфера, како и активности за привлекување на приватни инвеститори за што веќе се утврдени соодветни поволности за изградба на приватни домови за сместување на стари лица.
Новиот Дом за сместување на стари лица, појасни Спасов, е со значително зголемен капацитет.
- Ако досега можеше да се сместат околу 90 лица сега сместувачкиот капацитет е зголемен и може да се сместат вкупно 150 стари лица за кои министерството за труд и социјална политика освен блок дотациите го покрива и сместувањето и згрижувањето на 40-на лица кои се материјално необезбедени, рече Спасов.
Според градоначалникот Владимир Талески реализацијата на проектот е потврда за континуираната соработка и меѓусебна поддршка на општината со Владата на Република Македонија.
- Некогаш на овој простор имаше две стари бараки и затоа почнавме реконструкција „од нула“ за денес да имаме два прекрасни објекти, еден за лица со потешки здравствени проблеми, а другиот блок за лица кои полесно се движат и комуницираат. За овој проект добивме поддршка и од ИПА фондовите за што сме многу благодарни, а за возврат обезбедивме прекрасен сместувачки објект за стари и изнемоштени лица, посочи Талески.
Со отворањето на реконструираниот Дом за стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ сите лица кои времено беа сместени во хотелот „Битола“ сега ќе бидат сместени во новиот објект.
Реализацијата на проектот и успешноста во користењето на пограничните и други ЕУ-проекти од страна на пелагонискиот регион на денешниот промовитивен настан во Битола беше поздравено и од заменик-министерот во министерството за локална самоуправа Ѓоргија Сајковски.