Соодветни услови за настава по физичко во Демир Капија
Соодветни услови за настава по физичко образование денеска добија околу 330 ученици од ОУ „Димче Ангелов Габарот“ во Демир Капија. Станува збор за спортска сала која е дел од владиниот проект за изградба и опремување на 145 училишни сали.
Спортската сала се протега на површина од 1.300 метри квадратни и е со капацитет од 400 седишта. Комплетно е опремена со спортски реквизити, соблекувални, простории за наставниците и помошни простории изградени по најнови стандарди. Просторот е повеќенаменски и ќе може да се користи и за приредби и други активности во училиштето. Во изградбата на салата се инвестирани 40 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Република Македонија и од Банката за развој при Советот на Европа.
Спортската сала во потреба ја пуштија премиерот Никола Груевски заедно со министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
- Овој проект го започнавме како резултат на исклучително поразителниот факт дека огромен број основни и средни училишта низ Македонија и покрај тоа што се изградени од многу одамна, за жал, се уште немаат своја училишна спортска сала. Едно од тие училишта беше и ова во Демир Капија. Ваквата состојба во сите изминати години беше главна причина што македонските ученици немаа соодветна настава по физичко образование и таа се одвиваше онака како што се снаоѓаа наставниците по физичко образование. Како Влада решивме ваквата ситуација еднаш засекогаш да ја промениме, истакна премиерот Никола Груевски.
Тој нагласи дека со пуштањето во употреба на оваа спортска сала продолжуваат проектите и поддршката што Владата и ја дава на оваа општина.
Во делот на спортските инвестиции, премиерот најави дека наскоро ќе започне и изградбата на ново повеќенаменско спортско игралиште, а во делот на инвестициите за патната инфраструктура напомена дека досега се изградени повеќе патни правци, а во тек е изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица кој е дел од Коридорот 10.
- Во рамки на овој капитален градежен зафат кој го започна Владата на Република Македонија засега се вработени околу 150 жители на Демир Капија. Покрај вработувањата голема придобивка има и целото население од овој регион, како и продавниците, рестораните, банките, другите услужно ориентирани фирми, стопанствениците, мајсторите, занаетчиите, јавните претпријатија и самата општина, посочи Груевски.
Тој изрази задоволство што 50 до 60 жители на Демир Капија се вработиле во новата фабрика на германскииот инвеститор Дрекслер Мајер, притоа напоменувајќи дека тоа нема да бидат последни вработувања и оти во наредниот период и други жители на оваа општина ќе може да најдат работа кај овој германски инвеститор.
- Имајќи ги предвид сите наши напори и постојани патувања низ светот за да привлечеме нови инвеститори во Македонија кои ќе отворат нови фабрики и нови работни места, токму ваквите информации ни даваат дополнителна сила и мотив да продолжиме со уште пожестоко темпо, потенцира премиерот Груевски.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски најави дека како Министерство и Влада ќе продолжат да инвестираат во образованието затоа што тоа се директни инвестиции во децата и во иднината на државата.
- Од гледиште на воспитно образовниот процес во основното образование, посебните содржини, вежби и игри кои се реализираат во рамки на предметот физичко и здравствено образование се значајни затоа што директно влијаат врз симетричниот и правилниот раст и развој на учениците, ја подбруваат нивната физичка способност и здравјето и ги поттикнуваат на здрав начин на живот. Затоа Министерството за образование и наука има за цел да ги доближи можностите за спортување до сите ученици преку конкретни мерки и активности кои нема да останат само запишани во стратешките документи, туку веќе даваат видливи и мерливи резултати, подвлече министерот Ристовски.