Глобална недела на пари во Македонија
Со симболично означување на тргувањето со удирање на ѕвоното во Македонската берза од страна на Александар Линин, најдобриот ученик од четврта година во Средното економско-правно училиште „Васил Антевски - Дрен“ од Скопје денеска официјално почна одбележувањето на Глобалната недела на пари во Македонија.
На 30 најдобри ученици од училиштето им се овозможи да тргуваат на Виртуелната берза, едукативен портал на Македонска берза, кој е симулација на вистинското тргување. Ученикот кој по еден месец тргување ќе постигне најдобар резултат ќе добие награда - бесплатна обука во Македонската берза за принципите на пазарите на капитал.
Настани како денешниот го прават предметот пари и управувањето со пари подостапен до младите генерации, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
- Сите ние и секој човек во различна возраст се соочува со прашањето на финансиските средства, управувањето со нив и најефикасниот начин на користење на парите, како и со финансиските проблеми. Одредени истражувања покажуваат дека речиси половина од луѓето во некоја фаза имаат финансиски проблеми и за нив најчесто не се обраќаат до финансиските експерти, туку повеќе разговараат меѓу себе, со колегите на работа и семејството. Затоа е потребно да се подигне степенот на финансиска едукација за сите генерации, почнувајќи од децата во основно образование, рече Ставрески.
Тој порача дека е значајно да се почитуваат средствата, да се знае дека до нив не се доаѓа лесно и да се управува правилно со нив за добро да се распределат и да се покријат сите финансиски потреби.
- Нема фаза од животот во која финансиските прашања не се значајни и во кои надградбата на човекот за тоа како треба да се управува на најлесен начин со парите не е значајна. Затоа е битно да се надградува финансиското знаење. Секој има и право и обврска да посвети повеќе внимание на финансиските прашања, бидејќи традиционално ретко кој пристапува кон изработка на буџет кога станува збор за сопствените средства... Управувањето со парите е иста одговорност како и управувањето со сопственото здравје. Колку подобро тоа го правите, толку полесно ќе ви биде во животот и ќе имате помалку финансиски проблеми, порача Ставрески.
Министерството за финансии, додаде, ќе се вклучи во активностите за финансиска едукација преку изработка на брошура со опис на финансискиот сектор во Македонија, финансиските институции и институциите кои вршат нивна супервизија. Во следниот период како Министерство ќе работиме и на проектот „360 степени финансиска едукација“, односно заокружување на системот за едукација од најрана возраст, па се до пензионирање.
- Би ви порачал како што се едуцирате за други работи исто толку, а можеби и позначајно е да ги разберете и финансиските прашања, односно да научите повеќе за парите, како подобро да се управува со нив и да се економизира со нив, рече Ставрески, нагласувајќи дека умешноста на управување со парите и економијата по дефиниција значат управување со ограничени ресурси.
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев посочи дека еден од основните предуслови за да се зголеми финансиската инклузија е да се подобри едукацијата на младите и на децата и да им се даде финансиско знаење.
- Во една пазарна економија, настаните на Берзата и околу неа се едни од најважните економски феномени. Токму нивното разбирање и толкување е поврзано со нивото на финансиска едукација. Постои глобален консензус дека е потребно нивото на финансиска едукација и писменост во светот да се подобрува и се повеќе луѓе да се вклучуваат во светот на финансиите, односно да се подобри финансиската инклузија, рече Штериев.
Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов истакна дека слична активност денеска има во 17 берзи низ светот меѓу кои и берзите во Париз, Лондон, Берлин и Стокхолм.
- Сето тоа укажува дека многу големо значење и се придава на финансиската едукација, особено на младите, бидејќи тие во иднина треба да бидат оспособени да стапуваат на пазарот на работна сила, да влегуваат во финансиски трансакции и да носат правилни одлуки врз основа на информациите со кои располагаат, рече Богов.
НБРМ ќе ја спроведе Глобалната недела на парите со настани во 20-тина училишта во Македонија на кои на младите ќе им ги приближи концептите и историјата на парите, како и на монетарната политика, инфлацијата и се што е значајно за правилна едукација од областа на финансиската писменост.
Глобалната недела на пари е иницијатива на Меѓународната организација за финансиска едукација на младите и децата. Оваа година Глобалната недела на пари се одржува од 10 до 17 март и во неа ќе учествуваат околу два милона деца од над 100 земји во светот. Тие ќе се вклучат во активностите кои ќе бидат организирани од над 500 институции и организации.