Средби на министерката Канческа-Милевска со амбасадорите Волерс и Лазарото
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на средба со американскиот амбасадор Пол Волерс се заблагодари за досегашната поддршка од САД за многу проекти, особено за заштитата на културното наследство и доделените грантови американска помош за реставрација и конзервација на споменици на културата во Македонија, соопшти Министерството за култура.
На средбата во Министерството амбасадорот Волерс ги истакнал своите импресии од разновидноста на културните настани во Македонија. Изразил благодарност за поддршката на Министерството за отворање и функционирање на американските катчиња во Тетово, Битола и во Скопје, а најавил наскоро отворање американско катче и во Штип.
Амбасадорот Волерс иницирал и идеја за соработка на Министерството за култура со Смитсоновиот институт од Вашингтон за размена на експерти од областа на заштитата на културното наследство.
Министерството за култура информира дека Канческа-Милевска денеска имала работна средба и со амбасадорот на Швајцарија Стефано Лазарото, на која разговарале за културната соработка меѓу двете земји, оценувајќи дека е на солидно ниво. Тие се согласиле дека треба да се интензивира размената на проекти меѓу институциите во двете држави.
Амбасадорот Лазарото истакнал дека во стратегијата на Швајцарија за 2012 година приоритетно место ќе има културата. Тој ја поканил Република Македонија да учествува на меѓународниот фестивал „Culturescapes“ во Базел, каде што во 2013 година ќе биде презентирана културата на пет држави од регионот.