ФИНКИ ќе добие своја зграда, досега запишани 3.000 студенти
Во текот на наредната година се очекува да почне изградба на зграда за потребите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), најави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
За локацијата има две предлог варијанти, но одлуката за тоа, како и за идејното решение, ќе биде соопштена дополнително.
- Во најскоро време ќе почне изградбата на објект и ќе биде една од најсовремените и најнови згради, соодветно на потребите на факултетот и со сосема доволни просторни услови за да се задоволат потребите на огромниот број студенти, кои имаат интерес да се запишат на овој факултет, изјави Ристовски, одговарајќи на новинарски прашања на свеченоста по повод одбележувањето три години од основањето на ФИНКИ.
ФИНКИ е основан во 2011 година, како продолжение на традицијата на Институтот за информатика при Природно математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика при Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Досега се запишале 3.000 студенти. Преку владиниот проект на тој факултет се инсталирани 11 лаборатории, што се користат за научно-истражувачка и за апликативна дејност. Лабораторијата за еко-информатика, според најавите, наскоро ќе биде акредитирана од Институтот за акредитација и ќе нуди услуги и на бизнис секторот.
- За ФИНКИ денес говориме како факултет со најголем раст, најголем број новозапишани студенти и за факултет кој во перспектива интензивно се развива соодветно на информатичката технологија во Македонија и ги следи најновите светски трендови. Повеќе од сигурен сум дека во следниот период овој факултет ќе биде и пример за тоа како студентите се повеќе ги избираат техничките струки, особено оние што имаат загарантирано обезбедување работни места, рече министерот Ристовски.
Според деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов, со запишани 3.000 студенти ФИНКИ во изминатите три години бележи големи резултати. - За оваа учебна година се запишани 700 нови студенти со што всушност проектот за формирање посебен факултет за информатички науки и компјутерско инжинерство се покажа како успешен. Уште повеќе во насока на студирање на технички факултети, избирање професија што значи полесно добивање работа и креирање инжинери кои понатаму ќе ја подигнат македонската ИТ индустрија, изјави Трајанов.
За заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, ФИНКИ не само што е еден од најпрестижните факултети во Република Македонија, туку е и мотор на развојот на информатичкото општество во Македонија.
- ФИНКИ е вистински партнер и на приватните компании и на Владата и на институциите во развој на современи и модерни апликации. Речиси нема настан, конференција и проект во кој не се вклучени студентите и наставниците на ФИНКИ, истакна Арсовска-Томовска.