Неготинско Тремник заедно со 30-ина населени места ќе добијат канализациски систем
Во триесетина населени места во земјава со заеднички средства на централната и локалната власт се изведуваат проекти за изградба на канализациски систем. Инвестицијата е 175.000 евра. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска заедно со градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов изврши увид на градежните активности за канализациски систем во неготинското село Тремник.
Министерот потенцира дека овој проект е едно од ветувањата во програмата и оти досега работите добро се одиваат.
- Согласно утврдената динамика изградбата се состои во три дела. Првиот дел е канализациска мрежа во селото, вториот дел е колекторски систем и на крај пречистителна станица по која пречистените води треба да завршат во реката Вардар, изјави министерот Јанакиески.
Тој додаде дека станува збор за одличен проект кој бил всушност главно барање на населението во Тремник кое досега користело септички јами кои се нееколошки.
Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов истакна дека со овој проект се затвора проблемот со канализацијата во селото во кое живеат околу 1000 жители во 250 куќи.
На новинарско прашање зошто ски-центарот Кожуф е без услови за работа, министерот рече дека станува збор за приватна инвестиција и дека развојот е во надлежност на приватниот инвеститор. - Владата тука веќе изгради пат кој Македонија пат го одржува, додаде министерот