Пешевски: Привршува ревитализацијата на хидроенергетскиот систем
Со вградувањето на новата технологија во ревитализацијата на седумте хидроцентрали во Македонија ќе се намалат загубите при производството и ќе добива електрична енергија по еколошки пат, истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по посетата на ХЕЦ Вруток.
Таму се запозна со текот на ревитализацијата во хидроенергетскиот систем Маврово, во кој како што кажа работите се во завршна фаза.
- Владата на Република Македонија започна низа проекти на полето на енергетиката, а еден од најзначајните е проектот за ревиталицизација на седумте хидроцентрали Вруток, Равен, Врбен, Шпиље, Тиквеш, Глобочица и Козјак. Кај сите централи се преземаат зафати со употреба на најновите технологии за да се постигне поголемо производство на електрична енергија и поголема ефикасност во искористувањето на водите, рече Пешевски.
Проектот за ревитализацијата на хидроцентралите има вредност од приближно 33 милиони евра, и е финансиран 80 проценти од германската КфВ Банка, а останатите се директно вложување на АД ЕЛЕМ.
Според Пешевски, со завршувањето на проектот, Македонија ќе добие нови 20 мегавати инсталирана моќност и дополнителни 50 гигават часови произведена електрична енергија.
Тоа, како што рече, во пракса би значело користење на електрична енергија за околу 30 илјади семејства.
- Значајно е што со овој проект во иднина ќе се произведува таканаречена зелена енергија. Тоа е доказ за определбите на Владата за развој на енергетиката во сите сегменти, како во базната, со зафатите во РЕК Битола, така и во хидроцентралите, за производство на енергија од обновливи извори на енергија, потенцира Пешевски.
Проектот за ревитализација на системот ХЕЦ „Маврово“ е при крај. До крајот на летото се очекува да биде вграден и последниот од четирите агрегати во ХЕЦ Вруток.