Попоски: Да не се чека криза за проширување на НАТО
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски вчера во Вашингтон, за време на конференцијата на Атланскиот совет за проширувањето на НАТО, се сретна со американскиот потпреседател Џо Бајден. Попоски, кој на конференцијата учествуваше заедно со поголема група министри од Европа, изјави дека на средбата станало збор за потребата да продолжи проширувањето на НАТО во време на длабоката криза околу Украина.
- Главните пораки се однесуваа на процесот на проширување на северно-атланската алијанса и за нас значајно е тој процес да остане кредибилен. Во моментов многу се осврнуваме на почитување на меѓународното право и значењето на транс-атланските односи за стабилноста и просперитетот на Балканот. Мислам дека тука сите треба да ја понесат својата одговорност, вклучително и земјите членки. За нас е значајно особено една земја членка да покаже свесност дека сака да придонесе кон идејата за Европа, цела и слободна. Тоа што е значајно и во овој момент, и во минатото, а особено за иднината, е одлуките за проширувањето да не се носат под притисок на некоја криза, изјави министерот Попоски по средбата со потпреседателот Бајден.
Џо Бајден беше повикан да ја затвори конференцијата на Атланскиот совет, на која се обрати и државниот секретар Џон Кери како и десетици политичари и експерти од САД и Европа. Бајден, за проширувањето на НАТО, изјави дека е процес кој не е завршен и најави дека САД ќе работат за остварување на обединета Европа.
- Треба да разговараме за патот кој го поминавме до денес, и за патот кој е пред нас, бидејќи, според мене, овој пат се уште не е завршен. Ширењето на евро-атланската заедница беше едно од најсилните движења за промоција на мирот, просперитетот, безбедноста и демократијата. Сега, гледајќи ги руските акции во Украина, некои велат дека можеби не требаше да им дадеме безбедносни гаранции на Полска, Бугарија, Романија и на балтичките земји, но јас мислам дека моравме да ги дадеме тие гаранции бидејќи ние одбиваме да има сфери на влијание создадени врз грбот на луѓе кои заслужуваат слобода. Да бидам јасен, актуелната криза нема врска со проширувањето на НАТО. Таа се роди во Кремљ, во умот на Путин, и нема врска со фактот дека го проширивме НАТО. Нема да седиме мирни додека Европа конечно, конечно не биде цела, слободна и во мир. Тоа е можно ако останеме поврзани, единствени и решителни, изјави Бајден.
Министерот Попоски вчера се сретна и со претседавачот на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД Ед Ројс, со кого исто разговараа за ситуацијата во Украина и како таа се одразува врз Балканот и интеграциите на балканските земји. Попоски се сретна и со претседателката на групата за пријателство со Македонија во Конгресот Кендис Милер, која промовира резолуција за поддршка на приемот на Македонија во НАТО во Конгресот.
На конференцијата во Вашингтон беше најавено дека конечната одлука за тоа дали на самитот на НАТО во септември во Британија ќе дојде до проширување ќе се донесе во јуни, на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО. Повеќе учесници на конференцијата рекоа дека кризата во Украина силно влијае врз НАТО и ја зајакнува потребата од давање безбедносни гаранции на постоечките членки и прием на нови.