Министерството за финансии враќа 6,95 милијарди денари во стопанството
Министерството за финансии денеска враќа 6,95 милијарди денари во стопанството по основ доспеани државни хартии од вредност.
Како што соопшти Министерството за финансии, вчера на аукција беа запишани 6,26 милијарди денари, што значи дека денеска се враќаат 684 милиони денари (11,1 милиони евра) повеќе отколку што вчера беа повлечени. Според Министерството ова се свежи средства кои Владата ги става на располагање за да се подобри ликвидноста на стопанството, односно средства кои банките може да ги пласираат како кредити на фирмите.
- Владата и Министерството остануваат посветени на зголемување на ликвидноста на домашниот пазар на капитал за бизнисот. Потсетуваме дека е предвидено Владата да обезбеди нови 100 милиони евра кредити по субвенционирана камата за малите и средни фирми од Европската инвестициска банка, како и нови 10 милиони евра кредити со докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот. Со тоа на фирмите им се ставени на располагање скоро половина милијарда евра, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.