Предавање на тема „ЕУ и млади“ по повод Денот на Европа
Економијата и образованието се темелот на успехот во Европската унија. Затоа Македонија треба да се фокусира на образованието на младите и на развојот на економијата, порача министерот за надворешни работи Никола Попоски на предавањето на тема „ЕУ и млади“ што се одржа во МНР по повод 9 Мај-Денот на Европа.
На предавањето присуствуваа студенти од сите универзитети во Македонија.
- Несомнено е дека Република Македонија ќе биде дел од Европската унија. Колку Македонија ќе биде подобра во продукцијата на образовни кадри и на полето на економијата, толку подобра ќе ни биде и иднината во ЕУ. Многу работи што треба да ги правиме во ЕУ ќе ги направиме во процесот на приближување кон Унијата, рече Попоски.
Тој истакна дека идејата за создавање на Европската унија се темели на елиминирање на ограничувањата и бариерите првично за челикот и јагленот, а потоа и за сите стоки. Тоа, посочи, покажува дека Унијата е направена на економска идеја за заеднички пазар заснован на канкуренцијата со кја се бришат границите.
- Проектот за создавање на Европската унија пред 64 години го виделе луѓе со визија иако тогаш изгледал прилично чудно и невозможно, бидејќи е претставен во период во кој војната во Европа само што завршила. Така проектот чија првична цел била елиминирање на војната прераснал во проект за економска соработка. Работите и во изминатите 60-тина години не се многу сменети, бидејќи и сега главно поле на Унијата е економијата и елиминирањето набариерите за да се овозможи просперитет, рече Попоски.
ЕУ, нагласи, денеска претставува 500 милиони луѓе или 7 до 8 отсто од светското население и речиси една третина од светското богатство. Сепак се соочува и со проблеми како што се стареење нанаселението поради што пензиските фондови се се пооптоварени и структурна невработеност пред се на младите луѓе.
- Европската унија се менува. Ако пред 10 години беше елитистички клуб денеска веќе не е иако проширувањето е многу ниско на листата на приоритетите, рече Попоски.
Влегувањето во Унијата за многу земји, додаде, значи и развој. Како пример ја посочи Полска која до 2004 година, кога влезе во Унијата, имаше ист бруто домашен производ со Украина. Сега, како што кажа, Полска има за три пати поголем БДП од Украина.