Владата распиша оглас за 379 раководни позиции

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Со цел вклучување на најспособните, најкадарните и најквалитетни кадри во процесите во државната управа во Република Македонија, и нивно учество во реализацијата на владините политики, на реформите и на проектите кои се од корист за сите граѓани, со цел креирање на една широка кадровска основа која ќе ги спроведува реформите, и со цел мобилизација на кадрите и давање на еднакви шанси на сите граѓани на Република Македонија да го искористат своето знаење и вештини и да придонесат во понатамошниот напредок, Владата на Република Македонија распиша Оглас за пријавување на интерес за ангажирање на лица на раководни позиции и Оглас за пријавување на интерес за ангажирање на лица за членови на управни и надзорни одбори во институциите кои се дел од државната управа.

Огласот е објавен во дневните весници и ќе трае до 30 јуни 2014 година. Првата компонента на огласот, Огласот за пријавување на интерес за ангажирање на лица на раководни позиции содржи 159 раководни позиции на ниво на цела државна управа, меѓу кои и 5 амбасадорски места, 8 позиции воено аташе, над 20 директорски позиции во централни државни органи, агенции, управи, бироа, инспекторати, 12 позиции државен секретар, дваесетина директори во јавните здравствени установи, дваесетина директорски позиции во рамките на националните установи од областа на културата, раководни позиции во енергетските компании, во ЕЛЕМ, МЕПСО, во јавните претпријатија и повеќе други, се на се 159 раководни позиции. Втората компонента на огласот, Оглас за пријавување на интерес за ангажирање на лица за членови на управни и надзорни одбори, содржи над 220 позиции на членови на управни и надзорни одбори во агенции, клиники, јавни претпријатија и друг вид институции од државната управа.

Ова е најголемиот оглас за раководни позиции кој било кога е распишан во историјата на државата. Овој оглас не е законска обврска на Владата, но ние сакавме на овој начин да дадеме еднакви шанси за конкурентност и компететивност на секој граѓани кој се чувствува способен, има професионално искуство, соодветно образование, има капацитет и волја да амбицира и да се стекне со правото да биде избран да раководи со определена институција, било како раководен орган или член на орган на управување.

Нашата цел не е масовноста туку ангажирање на најспособните и најсоодветните кандидати за позицијата за која се аплицира.

Сакаме да ги повикаме сите граѓани кои поседуваат знаење и вештини, кои веруваат во својот квалитет и способности, кои силно веруваат во сопствениот капацитет и поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, способност за тимска работа и се подготвени за темелна посветеност и силен ангажман во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата да аплицираат на огласот. Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности.

Ќе се цени исклучиво индивидуалниот квалитет на апликантите, нивното знаење и вештини. Секој обид за лично лобирање и ургенција од страна на кандидатите ќе се смета како слабост и неверување во сопствените капацитети и ќе влијае негативно во формирањето на финалната оцена за кандидатот. 

Заинтересираните кандидати потребно е да достават до архивата на Владата:

·  пополнета апликација, која може да се најде на веб страната на Владата –  www.vlada.mk/konkursi

·  лична биографија (CV) не поголема од 5 страни

·  мотивациско писмо од најмногу 500 зборови во кое задолжително ќе биде наведена позицијата/те за кои кандидатот аплицира

·  уверенија за познавање на странски јазик (за позициите за кои е потребен сертификат за познавање на странски јазик, истиот може да се достави по конечниот избор на кандидатот)

На овој начин и со овој воведен стандард Владата продолжува на дело да ја пркатикува политиката на отворени врати за вклучување на секој оној кој цени дека може да придонесе во процесите.