Седми Фестивал на француски филм од 18-ти до 22 јуни
Со филмот „Ке д’Орсе“ во режија на Бертран Таверние снимен минатата година, во среда во кино „Милениум“ ќе почне седмиот Фестивал на францускиот филм. Од 18-ти до 22 јуни ќе бидат прикажани најнови остварувања од француската кинематографија - девет долгометражни, четири кратки и еден документарен филм, на неколку локации во Скопје, а на 19 јуни ќе има и проекција во Охрид.
„Златната маска“ на фестивалот оваа година е за режисерот Фредерик Шендорфер, кому свечено ќе му биде врачена во недела на затворањето на фестивалот, кога ќе биде прикажан и неговиот филм „96 часа“ - актуелен хит, снимен оваа година.
Меѓу филмските наслови оваа година се и: „Ив Сен-Лоран“ на Жалил Лепер (кој во четврток ќе биде прикажан и во Охрид), „Венера во крзно“ на Роман Полански, „Лудата розова лимузина“ на Жозефин де Мо, „Газели“ на Мона Ашаш, „Покажете го јазикот, госпоѓице“ на Аксел Ропер, „Од трње“ на Ромен Никола, „Голгота“ од Фабрис де Велц.
На прес-конференција денеска беше соопштена фестивалската програма и синеастите кои ќе гостуваат на седмото издание на фестивалот - актерите Жаки Бероаје, Жозефин де Мо, филмскиот композитор Бруно Алексиу и француските продуценти Фредерик Бурбулон и Ален Мајор, кои на 19 јуни на Универзитетот ЕСРА ќе одржат работилница за продукцијата во Европа. Гостите ќе се запознаат со поволностите што ги нуди Законот за филмска дејност. Беше најавено и дека во јули ќе биде склучен договор за копродукции меѓу Македонија и Франција, кој ќе го води Францускиот национален центар за филм.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека Фестивалот на францускиот филм е централен настан кој ја афирмира француската култура во Македонија и е мост за интензивна комуникација меѓу синеастите од двете земји.
- Верувам дека во периодот од 18-ти до 22 јуни во скопските кина „Милениум“, „Фросина“ и Кинотеката на Македонија, како и во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ќе бидеме сведоци на вистинска филмска атмосфера, која ќе ни ја доближи убавината скриена во подвижните француски слики, естетиката која одушевува, поттикнува, инспирира, едуцира и ја крие тајната на популарноста која францускиот филм ја ужива насекаде во светот, рече Канческа-Милевска.
Фестивалот го организира Амбасадата на Франција во Македонија. Амбасадорката Лоренс Оер истакна дека тој е клучен настан во културната размена меѓу Македонија и Франција.
- Тој почна како авантура меѓу две филмски школи, но се вкорени како средба на кинематографиите на нашите две земји, рече Оер. Посочи дека оваа година си поставиле задача да го прошират фестивалот во повеќе простори за проекции и дека покрај филмовите за широката публика ќе бидат прикажани и филмови во знак на сеќавање на два важни историски настана - 100 години од почетоткот на Првата светска војна и 70 години од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија („Капетан Конан“, документарниот „Светлината на зората“ и три кратки филма).
Оер додаде и дека во изминатите седум години фестивалот се организира со голема поддршка на Министерството за култура на РМ и заложба на министерката Канческа-Милевска. Тоа го нагласи и ректорот на ЕСРА Јордан Плевнеш кој и заблагодари на министерката за култура подарувајќи и монографија.
Оваа година фестивалот ќе се одржува во Скопје и еден ден во Охрид. Амбасадорката Оер рече дека се обидуваат преку востановениот Француски кино-клуб филмовите да ги прикажуваат преку целата година во повеќе градови низ Македонија.