По 20 вработувања дневно на млади до 29 години со владината мерка

Благодарение на владината мерка за ослободување од плаќање на придонеси на работодавачите кои ќе вработат млади лица до 29 годишна возраст, до сега се вработиле вкупно 2.883 лица од кои 45 се магистри или доктори на науки, 742 вработени се со високо образование, пет со вишо, 1.718 со средно и 373 со основно образование.

Оваа мерка, како што нагласи владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, дава ислучително позитивни резултати, посочувајќи дека во периодот додека таа е на важност 1.735 компании побарале вработување на 3.004 лица, од кои што 2.883 се веќе вработени, а останатите се во фаза на вработување. Од нив 1.390 се жени.

-Ако се земе в предвид дека мерката е на сила некаде 140 денови, доаѓаат по 20 вработувања дневно што е исклучително добар и позитивен резултат. Ова е добра можност за сите претприемачи и бизнисмени коишто сакаат да вработат кадар да ја искористат, затоа што на тој начин ќе доведат до заштеда на своите трошоци по однос на плати во висина од 37 отсто, односно 10 проценти персонален данок и 27 проценти од придонесите и на тој начин тие средства коишто ќе ги заштедат да можат алтернативно да ги употребат во развој на својот бизнис, да остварат двострана корист и за својата компанија и за приходите коишто се остваруваат, а од друга страна и да вработат лица што е основна и приоритетна цел на Владата на Р.Македонија, истакна Ѓорѓиев.

Најголем број од вкупно вработените 2.883, се вработиле на работни места на територијата на град Скопје, односно 411 лица, 144 лица се вработиле во Струмица, а 136 во Тетово.

По однос на големината на деловните субјекти во кои се вработени овие лица, најголем број од нив 1.356  се вработени во фирми кои имаат под 10 вработени, 307 лица се вработиле во фирми кои бројат од  10 до 49 вработени, 65 во фирми кои имаат од 50 до 249 вработени и седум лица се вработени во фирми кои бројат над 250 вработени.

Услов за работодавачите кои вработуваат  лица до 29 години преку оваа мерка е во нивната компанија да нема намалување на бројот на вработените на неопределено време по 31.12.2013 година, односно од јануари 2014 година па до денот на вработувањето на новите работници.

Ослободувањето од социјалните придонеси  важи за период од 12 месеци, со обврска  работодавецот да ги задржат вработените уште дополнителни 12 месеци.