Љубезноста слабост во некои од подрачните единици на Централниот регистар
Подрачните институции на Централниот регистар во Гевгелија, Штип, Битола и Кавадарци ќе мора да поработат на љубезноста, а Подрачната единица во Пробиштип на почитувањето на едношалтерскиот систем, порача денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
По посетата на Централниот регистар и средбата со директорот Андреа Поповски, министерот Ивановски рече дека согласно анкетата на МИОА, во однос на едношалтерсkиот систем потфрлиле и подрачните единици во Битола и во Гевгелија.
- Имајќи предвид дека во овие подрачни единици обемот на работа не е толку голем, зачудува фактот што љубезноста и едношалтерскиот систем се на најнезадоволително ниво. Затоа ќе треба да се преиспита и работењето на раководните тимови, рече Ивановски.
Според него, Централниот регистар ќе треба да изготви препораки, но и да спроведе обуки во оваа насока, додека Државниот управен инспекторат ќе направи редовен и вонреден надзор и во останатите периоди од годината со оглед дека анкетата важеше само за јуни и јули.
- За останатите подрачни единици граѓаните се изјаснија многу позитивно во повеќе аспекти, хигиена, означување на просториите, пристапност за лица со инвалидитет, брзо, ефикасно решавање на предметите и нечекање на шалтерите, додаде министерот.
Поздравувајќи ги владините активности за што поефикасна администрација, директорот Поповски напомена дека Централниот регистар веќе ги презема потребните мерки за елиминирање на констатираните недостатоци.
- Се спроведоа интерни анкети, меѓу вработените, но и меѓу клиентите, за унапредување на квалитетот на услугите. Се поставија жолти ленти за чекање на шалтерите, се набавија сандачиња за жалби и поплаки, се контролира функционирањето на „граѓанскиот термин“. Владините мерки не се само поттик, туку претставуваат основа за преземање конкретна акција во насока на што поквалитетно работење што наметнува дополнителна обврска за менаџерскиот тим, истакна Поповски.
Во анкетата што ја спроведе МИОА, Централниот регистар беше избран за најдобра меѓу државните институции кои даваат услуги. Како што најави министерот Ивановски, анкетирањето на граѓаните и вклучувањето на тајните клиенти во сите подрчани единици на институциите ќе продолжи, за да се подобри услугата.