Реконструирано игралиштето во Октиси, Струшко
Во село Октиси, Струшко, денеска во присуство на премиерот Никола Груевски беше отворено реконструираното игралиште во ова село кое е инвестиција на Владата и Агенцијата за млади и спорт во висина од 1,7 милиони денари.
Директорот на Агенцијата за спорт и млади Марјан Спасевски по повод настанот истакна дека вложувањето во спортската инфраструктура е еден од најзначајните развојни сегменти во спортот и оти Владата во изминатиот период перманентно инвестира во реконструкција на постоечката спортска инфраструктура, но и во изградба на нови спортски објекти. Потврда се, додаде, проектите за изградба на 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 повеќенаменски спортски терени и 125 тениски терени.
- Агенцијата за млади и спорт продолжува со вакви инфраструктурни градежни активности и во следниот период. Во изминатите неколку месеци имавме добра динамика, пред се, на повеќенаменските и на тениските игралишта од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Досега изградени се 44, а 11 се во фаза на градба. Веќе се изградени и 39 тениски терени, а 26 се во фаза на градба и дефинитивно може да констатираме дека полека, но сигурно, ја менуваме спортската мапа во нашата држава, истакна Спасевки.
Тој потенцира дека во изминатиот период МОН во соработка со Агенцијата инвестираше и во реконструкцијата на спортскиот полигон во рамки на ОУ „Единство“ во истото село. Инаку, во струшкиот регион, додаде, покрај реконструкцијата на овие игралишта, во моментов во завршна фаза се градежните работи на повеќенаменско спортско игралиште во селото Лабуништа, а избран е и изведувач и надзорен орган за изградбата на фудбалското игралиште во село Мороишта, како и за повеќенаменски спортски терен во селото Нерези.
- Во следниот период доколку градоначалникот на Општина Струга ни даде решение за санација и адаптација планираме да извршиме реконструкција на спортските игралишта во селата Ложани и Мислешево. Се надевам дека на овој начин ќе финализираме еден голем инфраструктурен спортски проект, кој општина Струга ќе ја наметне како еден од спортските центри во нашата држава, вели директорорт на Агенцијата за млади и спорт Спасевски.